Судир на мигранти со грчката полиција, по лажна информација се упатиле кон нашата граница

Група од околу 500 мигранти, вклучително и семејства со мали деца, кампувале во шатори ноќеска пред поранешната грчка воена база, а сега прифатен центар во Дијавата во Солун. Мигрантите почнале да пристигнуваат во четвртокот попладнето, откако на друштвените мрежи бил објавен повик за заеднички марш кон границата, но и лажна информација дека границата е повторно отворена.

Грчката полиција се мобилизирала за да го спречи обидот да се упатат кон границата, а притоа дошло до судир на мигрантите со полицискиот кордон. Еден полицаец бил повреден, едно лице било притворено и едно уапсено, пренесе грчката агенција АНА-МПА.

Според Министерот за миграција – Димитрис Вицас, бегалците од прифатниот центар во Солун биле жртви на дезинформација. Тој уверува дека ситуацијата ќе биде целосно разрешена најдоцна до вечер или утре изутрина.

„99% од овие луѓе – бидејќи има и такви кои дејствуваат со лоша намера – се жртви на дезинформација. Кој ја шири оваа дезинформација? Главно криумчари на мигранти, кои велат дека од некоја си причина границите ќе се отворат. Не, границите не се отвараат“, истакна Вицас.

„Правиме заеднички напори – Министерството за миграција, Високата комисија за бегалци на ОН, Меѓународната организација за миграција (IOM) и други меѓународни огранизации – преку соопштение на шест јазици истакнавме дека тоа што го слушнале се лаги и дека официјални информации доаѓаат само од грчките власти или UNHCR. И тие мораат да се вратат во прифатните центри во кои грчката држава ги вдоми, а кои се со задоволителен до многу добар стандард“, додаде тој во изјавата за грчкото радио „Praktoreio“.

„Како државјани на трети земји кои аплицирале за азил и бараат меѓународна заштита, тие имаат свои права, секако… но тие исто така имаат и некои обврски. Една од најосновните, која произлегува од Женевската конвенција и други меѓународни договори, е дека мора да ги почитуваат законите на државата која со многу тешкотии, но со големо и отворено срце им дала засолниште“, порача грчкиот министер.

Тој најави и дека институциите заедно со меѓународните организации ќе понудат и организиран превоз, ако тоа е потребно, за мигрантите да се вратат во сместувањата од каде што заминале за да се упатат кон границата.

- Реклама -