Денеска во Кривичниот суд е закажано судење против Љ.С. од Велес, кој на 1 јуни се обиде да пука во поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.
Како што јавноста за кратко дозна и тогаш, се работи за дедото на Тамара Димова од Велес, која почина чекајќи Фондот и лекарските комисии да одобрат средства за лечење во странство, поради здравствени проблеми настанати како последица на тешкиот облик на сколиоза.
Набргу по инцидентот, мајката на починатото болно девојче од Велес рече дека револтот во семејството е голем, но дека никогаш не помислила дека татко ѝ ќе посегне по животот на ексминистерот Тодоров од кого семејството и јавноста бараа одговорност за смртта на Тамара.