Чешкиот Уставен суд во вторникот го отфрли случајот на маж кој од религиозни причини побарал изземање од правилото за забрана на насмевка на фотографиите за пасош и за лична карта.
Барањето на мажот за право да има насмеано лице на личната карта го отфрли судот во Прага.
Според прописите, фотографиите на личните документи мора да имаат неутрален израз на лицето, а неговиот не ги исполнувал овие стандардни барања.
Тој побара изземање од условот врз основа на неговата религиозна припадност на Ecclesiai Risorum односно Црква на насмевките. Главната порака на оваа црква е да се шири насмевки меѓу луѓето, навел мажот во барањето.
Судиите одлучија дека неговото право на слобода на вероисповед не е ограничено и укажаа на барањата на ЕУ за неутрални изрази на лицето на фотографиите за личните документи за да се обезбеди сигурна идентификација.
Тие исто така изразија сомнеж за „сериозноста“ на верските убедувања на тужителот.
Чешкото Министерство за култура пред пет години го одби барањето на Црквата на насмевката да ѝ го признае статусот на религиозна група.