Студентите од шеста година по општа медицина ќе бидат вклучени во борбата против коронавирусот преку поддршка на колегите епидемиолози, информира Министерството за здравство.
„Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, студентите по медицина, иднината на нашето здравство, активно се вклучуваат во поддршка на своите колеги. Студентите се едногласни дека сакаат и можат да помогнат во периодот кој следува“, истакна министерот доц. д-р Венко Филипче, по средбата со овие студенти заедно со деканката на Медицинскиот факултет во Скопје – проф. д-р Соња Топузовска.
Како што објасни Филипче, студентите од шеста година ќе бидат ангажирани за помош во телефонската комуникација со студентите, при изработката на епидемиолошките анкети и при обработката на податоците. Тие нема да имаат физички контакт со пациенти кои се позитивни или сомнителни на Ковид-19, потенцираше министерот за здравство.
Ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази. На секои два месеца по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во центрите за јавно здравје, објаснуваат од МЗ.
Како што истакна деканката Топузовска, покрај тоа што вклучувањето на овие студенти ќе значи директна помош за здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар на кризата, и притоа за самите нив ќе значи стекнување искуство, дополнителна придобивка за студентите ќе биде што преку овој ангажман ќе можат да ја реализираат и да им биде признаена клиничката практика по јавно здравје која ја извршуваат во шестата година од студиите.
Координацијата и распределбата на групите е во тек, ангажманот на студентите ќе почне во најкраток можен рок, информираат од Министерството.