„Студентите платат цена за штедење: Власта ги намалува стипендиите за социјалци и за извонредни студентски постигнувања“, велат од Левица.

Левица преку своето соопштение изрази остри критики кон актуелната власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за измените на Законот за студентскиот стандард. Според партијата, овие измени директно доведуваат до намалување на стипендиите и влошување на условите за студентите. Имено, процентот на стипендии наменет за студенти од социјално загрозени семејства ќе се намали од 49 на 40 проценти.

„Во финансиските средства што сакаат да ги скратат се вклучени и студентите со попреченост и со ретки болести, што значи дека буџетот за социјално ранливите студенти дополнително се узурпира“, велат од Левица. Исто така, тие истакнуваат дека стипендиите за студенти со висок успех во учењето паднаа од 30 на 25 проценти.

Во соопштението се критикува и воведувањето на нова категорија од 35 проценти за „студиски програми од стратешки интерес“. Според Левица, тоа се прави на штета на јасно дефинираните квоти за природно-математичките, техничките и медицинските науки, како и дефицитарниот наставен кадар.

Прочитајте и:  Уапсен маж осомничен за напад врз својата сопруга

Партијата укажува и на можноста за дискриминација меѓу студентите во реконструираните и нереконструираните студентски домови. Тие тврдат дека законските измени оставаат студентите за време на реконструкциите сами да покриваат дополнителни трошоци за сместување. „За подобар стандард, студентите ќе мора да плаќаат повеќе од свој џеб, иако обврска на државата е да обезбеди достоинствени и енергетски ефикасни објекти за сите“, додаваат од партијата.

Левица исто така критикува што конкурсите за студентски права ќе се огласуваат само на веб-страницата на Министерството, а не преку поширока јавна промоција. Според нив, овие измени покажуваат дека студентскиот стандард се третира како трошок, а не како клучна инвестиција во иднината на државата.