Студенти и млади Американци приредувале корона забави, првиот што ќе се зарази добива награда

Млади луѓе во Алабама, САД, главно студенти, приредуваат бизарни Ковид-19 забави на кои се канат луѓе што го имаат коронавирусот, а првиот што ќе се зарази добива парична награда, велат локални официјални лица.

Забавите се откриени во Тускалуса, а организаторите ги охрабруваат заразените луѓе да присуствуваат за другите да можат намерно да го фатат вирусот, открива Соња МекКинстри од Градскиот совет на Тускалуса за CNN.

„Прво мислевме дека е некаква гласина. Малку истраживме и не само што докторските ординации го потврдија тоа, туку државата потврди дека сите тие ја имаат истата информација“, вели таа.

Како што објаснува советничката, паричната награда се финансира преку влезници. Односно, за да присуствувате на забавата треба да платите учество. Потоа тие пари одат во заеднички сад, а му се исплатуваат на првиот од гостите кому официјално ќе му биде потврден коронавирус (од доктор, со ПЦР тест).

Во текот на изминатите недели, приредени биле неколку такви забави во градот и околните области за кои властите сега знаат. Сепак, се претпоставува дека имало уште повеќе журки кои допрва ќе бидат или нема воопшто да бидат откриени. Ситуацијата ја отежнува тоа што многу од младите кои присуствуваат на забавите се студенти кои доаѓаат од другите држави само за да учат, а не живеат во Алабама.

Прочитајте и:  Блинкен: Вклучувањето на Севернокорејците во непријателствата во Украина ќе добие силен одговор

„Ме вади од кожа“, вели МекКинстри, „што нешто толку сериозно и смртоносно се сфаќа толку несериозно. Не само што е неодговорно, туку можете да го фатите вирусот и да го однесете дома кај вашите родители и баби и дедовци“.

Градот работи на тоа да се прошири информацијата и да се растурат таквите забави. Исто така, донесе и наредба за задолжително носење маски.

„Ова не е политичко прашање. Ова е прашање на јавно здравје. Луѓе умираат и нема лек. Мораме да правиме сѐ што можеме да спасиме што е можно повеќе животи“, вели МекКинстри.

Алабама има околу 39.000 потврдени случаи и речиси 1.000 починати, пренесува CNN.

- Реклама -