Стрес-тестот најпрецизно покажува дали ќе умрете во наредните 10 години

Бројките велат дека едноставен фитнес тест е доволен за да одреди дали ќе умрете во следните 10 години. Имено, перформансите што луѓето ги покажуваат на лента за трчање можат прилично прецизно да покажат колкав е ризикот од смрт во текот на следната деценија од мерењето.

Истражувачите од универзитетот „Џон Хопкинс“ анализираа резултати од 58.000 фитнес тестови во Детроит, а потоа ги споредија со бројот на умрени луѓе од оние кои биле тестирани пред 10 години. Истражувањето покажува дека мерењето на срцевата работа и виталноста на лентата за трчање може многу попрецизно да го одреди ризикот од смрт, отколку што тоа би можело да се направи врз основа на другите ризични фактори – како семејната историја на болести и прерана смрт.

На пример, 45-годишна жена со низок резултат на фитнес-тестот има 38% ризик од смрт во следната декада, додека 45-годишна жена во топ-форма има само 2% ризик. Сето тоа може лесно да се одреди преку анализа на највисоката точка, како и степенот на инклинација на срцевата работа, при зголемување и намалување на брзината на лентата.

„Идејата дека добрата физичка подготвеност е надмоќна на ризикот од смрт воопшто не е нова, но сакавме да го квантифицираме тој ризик попрецизно и во контекст на возраста, полот и степенот на виталност – и воедно да го изразиме преку едноставна равенка што не бара дополнителни комплицирани тестирања настрана од стандардниот стрес-тест“, вели челникот на студијата Хаитам Ахмед.

Како што се вели во извештајот, нивото на физичка подготвеност и врвот на срцевата работа за време на вежбањето се најпрецизните индикатори за ризикот од смрт, па дури и кога ќе се споредат со други важни фактори, како дијабетес и семејната историја на болести.

 

- Реклама -