Стразбур одлучи: Доколку државата или општините ви задолжуваат, тие се принудени да ги исплатат средствата без одлагање.

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда која би можела да ја преобликува долгогодишната практика на македонските судови во врска со поставување лимити на сметките на должниците, особено оние кои се во сопственост на државата или општините. Оваа значајна одлука, донесена на 18 ноември 2025 година, следеше по две апликации поднесени од адвокатската канцеларија на Костадин Богданов, во име на различни осигурителни, градежни и трговски компании.

Во самата пресуда, Судот утврди дека ваквата судска практика претставува повреда на член 6 од Европската конвенција за човекови права, кој гарантира право на фер судење, како и на член 1 од Протокол 1, кој ја штити сопственоста. Според оценките на Судот, долгогодишното ограничување на пристапот до реална наплата на правосилни пресуди претставува неоправдано мешање во правото на сопственост и го нарушува правото на правична судска постапка.

Европскиот суд истакна дека државата има обврска, без одлагање, да ги исплати сите правосилни пресуди кои утврдуваат парично побарување против неа или нејзините институции. Судот нагласи дека државата не смее да поставува законски или административни пречки кои би ја оневозможиле или одолговлекувале наплатата на утврдените долгови.

Оваа одлука претставува важен преседан за правниот систем во Македонија и може значително да ја промени досегашната практика на судовите во врска со извршувањето против државни институции и општини. Според Независниот синдикат на државната администрација, пресудата означува нова етапа во почитувањето на правата на доверителите и зајакнувањето на одговорноста на државните субјекти.