Во медиумите пристигна видео од моментот во кој лавината, предизвикана од земјотресот во Непал, падна врз базниот алпинистички камп на Монт Еверест.
Лавината ја снимил германскиот алинист Јост Кобуш кој ударот од неверојатна количина на снег од лавината ја спореди со нуклеарна експлозија.
На видеото се гледа дека алпинистот пред лавината бега во шатор и неколку секунди подоцна е покриен со снег.
Се слуша дека Кобуш некому му довикува „држи се за мојата јакна“, со цел да го спаси од силниот ветар.
И двајцата избегнале сериозни повреди, за разлика од 18 нивни колеги алпинисти кои загинале во лавината.
Тие се само дел од црната бројка од 3218 луѓе за кои е потврдено дека ги изгубиле животите во земјотресот од 7.9 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди Непал во саботата. Повредени се 6.538 лица.
Овој земјотрес предизвика најголема природна катастрофа на земјата од 1934 година.
Во неделата беше забележан уште еден земјотрес, со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала, а лекарите изнеле стотина пациенти од болницата во Катманду, и пред неа поставиле шатори во кои е сместена импровизирана операциона сала.