Скопје, 23 ноември 2021 (МИА) – Несреќата на автобусот со македонски регистарски таблички кој се запали на автопатот јужно од Софија, при што загинаа најмалку 45 лица, меѓу кои има и 12 деца, денеска беше еден од најтрагичните настани за кој пренесуваа светските и европските медиуми.
Бугарските медиуми пишуваат за автобуската несреќа на автопатот Струма, изразувајќи жалење за огромниот број жртви. Агенцијата БГНЕС, меѓу другото, објави дека автобусот поседувал македонска лиценца издадена од Министерството за транспорт и врски од Скопје, откако претходно се појавила информација дека „Беса транс БТБ“ е регистрирана во Бугарија. Дозволата е издадена во јули 2018 година. откако „Беса Транс БТБ“ ги достави сите потребни документи за добивање дозвола за меѓународен превоз на патници. Како што објави БГНЕС, фирмата била регистрирана на адреса на ул. Рашче број 1 во Скопје. Бројот на дозволата е 08-4127/1 од 18 јули 2018 година. Дозволата важи до 08.08.2022 година.
Исто така, медиумите во Бугарија објавија и наслови дека „Оставката на Заев се одложува поради трагедијата во Бугарија“ и „Прогласена тридневна жалост во Северна Македонија“.
Си Ен Ен ја пренесе информацијата за трагичната несреќа со наслов „Дванаесет деца меѓу 45 загинати во пожар во автобус во Бугарија“, наведувајќи дека станува збор за македонски туристи и дека идентификацијата на загинатите ќе биде тешка бидејќи телата се сериозно оштетени од пожарот.
И српските медиуми ја пренесуваат веста за автобуската несреќа. Некои од нив ја пренесуваат изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека во автобусот со македонски регистарски таблици се наоѓало и едно лице од Србија и еден белгиски државјанин. Жељко Јовиќ, амбасадорот на Србија во Бугарија за РТС изјавил дека повредениот српски државјанин од Прешево се наоѓа во болницата во Софија и дека неговата здравствена состојба е добра.
Агенцијата Ројтерс со наслов „Автобус со туристи од Северна Македонија се запали во Бугарија, при што загинаа 45 лица“ ја објави веста за несреќата. Во изјава за медиумот, 11-годишно момче, соученик на децата кои загинаа, изразува жалење и болка по неговиот другар кој го загубил животот.
Американскиот весник „Вашингтон пост“, исто така информира за синоќешната трагедија. „Туристите од Северна Македонија се враќаа дома од патување во Турција со автобусот кој се запали во една од најсмртоносните автобуски несреќи во поновата историја на Бугарија“, пишува весникот.
Медиумите во Хрватска, исто така, јавија за сообраќајната несреќа. Порталот „Индекс.хр“ објави наслов „Во сообраќајна несреќа во Бугарија загина цело семејство, меѓу кои и четиригодишни близнаци“, додека „Дневник.хр“ пренесува изјави од членови на семејствата на загинатите. Еден жител на Скопје вели дека во несреќата загубил десет членови од неговото семејство.
Под наслов „Изгореле до непрепознатливост: тешка несреќа во Бугарија“, Дојче веле денеска пишува за автобуската несреќа. „Може да има многу причини за несреќата – возачот можеби заспал, а можеби постои друга причина. Од вчера врне дожд, а оваа делница е една од најтешките кај нас. Тоа е голема стрмнина“, изјави градоначалникот на Перник, Станислав Владимиров на местото на несреќата. Според бугарските експерти за патишта и сообраќај, тој дел од патот се смета за многу незгоден. Таму дупките се поправале цело лето, често со пребрзо возење и многу сообраќајни несреќи, објави Дојќе веле.
Радио Слободна Европа пренесува за трагедијата во текстот под наслов „Во сообраќајна несреќа на македонски автобус во Бугарија загинаа 46 лица, меѓу кои 12 деца“. Медиумот ги пренесува телеграмите со сочувство упатени до македонските власти од околните земји, како и од европските високи претставници.
Бугарија, земја на ЕУ со околу 6,9 милиони жители, во последните години доживеа многу фатални автобуски несреќи. Во последната, 17 бугарски туристи загинаа во 2018 година кога нивниот автобус загубил контрола на влажен коловоз и се преврте.