Столтенберг за МИА: Корупцијата е болест, ја поздравувам посветеноста на премиерот во борбата против неа

Корупцијата е крајно опасна, ги поткопува демократските институции, ја подрива довербата во државата, а го отежнува и водењето бизнис. Затоа е исклучително важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во видео-интервју за МИА.

„Корупцијата е болест, корупцијата е крајно опасна, корупцијата ги поткопува демократските институции, корупцијата ја поткопува довербата во државата, а исто така го отежнува бизнисот. Значи, исклучително е важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, и ја поздравувам посветеноста на премиерот. Имавме средба и тој ја повтори својата силна посветеност за борба против корупцијата, ова е исклучително важно. Секоја земја која страда од корупција тоа ја прави посиромашна, поранлива, затоа што сте ги ослабнале државните институции, па затоа е исклучително важна борбата против корупцијата“, вели Столтенберг прашан за коментар за ситуацијата со корупцијата во земјава и во регионот и дали може да се каже дека таа придонесува за дестабилизација.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

За тоа дали неговото обраќање во Собранието беше обид и да ги поттикне пратениците да ги усвојат уставните амандмани како услов за продолжување на патот на земјата кон ЕУ, Столтенберг се оградува од директен коментар, но порачува дека би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредуваат на патот кон членство во ЕУ.

„Не е мое да навлегувам во тие конкретни прашања, бидејќи тие се поврзани и со вашиот процес кон членство во ЕУ, но мојата порака е дека членството во НАТО многу често го отвора патот за членство во ЕУ и тоа би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ. Секако, за тоа ќе бидат потребни одредени одлуки од Северна Македонија, но не е на мене да навлегувам во конкретните предлози на хартијата“, посочува Столтенберг.

МИА

- Реклама -