Столтенберг за фондот од 100 милијарди евра: На Украина ѝ треба попредвидлива и поробусна поддршка

Потребна ни е рамка за поддршка на Украина, која ќе биде попредвидлива и на земјата ќе и ја гарантира помошта која и е неопходна, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред денешниот почеток на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата во Брисел.

Во одговор на новинарско прашање во врска со информациите дека планира за предложи фонд од 100 милијарди евра за поддршка на Украина, Столтенберг изјави дека не може да даде детали за планот, нагласувајќи дека поддршката за Украина треба да биде помалку зависна од краткорочни доброволни понуди на одделни држави, тку да се базира на долгорочнатеа посветеност на НАТО.

– Нашата поддршка за Украина треба да ја направиме поробусна и затоа сега разговараме за начини да институционализираме поголема поддршка во рамките на НАТО, за да ја направиме попредвидлива и поцврста. Со тоа ќе и го дадеме на Украина тоа што и треба, а тоа е долгорочна, предвидлива и силна поддршка, истакна Столтенберг.

Според него, таа поддршка е важна бидејќи со тоа се испраќа и јасна порака до Москва дека не може да победи на бојното поле.

– Ако сакаме оваа војна да заврши, што побрзо треба да ја убедиме Москва дека нема да победи на бојното поле. Колку побрзо Русија сфати дека не може да ја добие војната, толку побрзо ќе можеме да постигнеме мировен договор за што мора да седнат и да преговараат за договор со кој Украина ќе опстои како суверена и независна држава, додаде Столтенберг.

Столтенберг истакна дека во последниве денови, Кремљ започна нови големи напади врз украинските цивили и инфраструктурата, зајакнувајќи го притисокот по линијата на фронтот.

– Затоа, мораме цврсто да ја поддржуваме Украина и го поздравувам тоа што сојузниците продолжуваат да вршат големи испораки на оружје, муниција и опрема. Но, Украина има итни потреби. Секое доцнење во обезбедувањето поддршка има последици на бојното поле. Затоа треба да ја смениме динамиката на нашата поддршка. Мора да обезбедиме сигурна и предвидлива безбедносна помош за Украина на долги патеки, додаде Столтенберг.

Затоа, според него, на состанокот ќе стане збор за тоа како НАТО би можел да преземе поголема одговорност за координирање на воената опрема и обука за Украина, како и за обебзедување повеќегодишна финансиска посветеност за одржување на таа поддршка.

– Сојузниците на НАТО обезбедуваат 99 отсто од целата воена поддршка на Украина. Така, ако направиме повеќе во рамките на НАТО, нашите напори ќе бидат поефикасни и поефективни, потенцира првиот човек на Алијансата.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Тој потсети дека помошта за Киев ќе биде тема и на утрешниот состанок на Советот НАТО-Украина, нагласувајќи дека Алијансата и помага на земјата да и се приближи и да ги постигне стандардите на Пактот.

– Ние ги поддржуваме реформските напори на Украина, кои ќе ја приближат Украина уште поблиску до Алијансата. Украина ќе стане членка на НАТО. Прашање е кога, а не дали, истакна Столтенберг.

Тој додаде дека утре министрите од НАТО, заедно со вискокиот претставник на ЕУ за надвореѓна политика и безбедност Жосеп Борел, ќе имаат средба со партнерите од индо-пацифичкиот регион – Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја.

– Знаеме дека нашата безбедност не е регионална – таа е глобална. Војната во Украина тоа јасно го илустрира.

Според него, Кина ја поддржува воената економија на Русија, а за возврат Москва ја става својата иднина под хипотека на Пекинг, додека Северна Кореја и Иран испорачуваат значителни резерви на оружје и муниција, а за возврат добиваат руска технологија и залихи кои им помагаат да ги унапредат своите ракетни и нуклеарни капацитети.

– Ова има регионални и глобални безбедносни последици. Така, истомислениците ширум светот треба да застанат заедно. Да се брани глобалниот поредок во кој владее законот, а не силата, рече Столтенберг.

Според него, на состанокот ќе се разговараме и за начините за справување со нестабилноста во јужното соседство на НАТО, вклучувајќи ја и континуираната закана од тероризам.

– Ќе договориме и нова политика за жени, мир и безбедност, затоа што нашите општества се посилни и побезбедни кога ги користиме придонесите на сите наши луѓе, потенцира Столтенберг.

Тој нагласи дека на состанокот ќе биде одбележана и 75-годишнината на НАТО и ќе се разговара за подготвките на Самит на Алијансата во Вашингтон во јули.

– НАТО е основан на едно свечено ветување: Напад врз еден сојузник е напад врз сите. Од таа основа ја изградивме најмоќната и најуспешната Алијанса во историјата. Во текот на изминатите 75 години, Отворената врата на НАТО помогна да се шири демократијата и просперитетот низ Европа. Европа сега се соочува со војна од размери за кои мислевме дека се оставени во историјата, рече Столтенберг.

На министерскиот состанок во Брисел учествува и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

- Реклама -