Столтенберг: НАТО мора да спречи војната на Русија против Украина да прерасне во голема војна во Европа

Алијансата мора да спречи војната на Русија против Украина да прерасне во голема војна во Европа, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Осло, каде што му беше врачена годишната награда „Сонстеби“.

Прифаќајќи ја наградата, која им се доделува на „храбрите бранители на основните демократски вредности“, Столтенберг рече дека украинскиот народ е „подложен на огромни страдања“ и дека мирот во Европа е „повторно загрозен“, соопшти НАТО.

„Мораме да спречиме војната да се прошири во голема војна на нашиот континент. Затоа НАТО распореди дополнителни сили, ја зголеми подготвеноста и троши повеќе пари за одбрана од порано. Не за да предизвика конфликт, туку за да спречи војна и да обезбеди мир“, рече Столтенберг при примањето на наградата, именувана по најодликуваниот воен херој на Норвешка, Гунар Сонстеби.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Столтенберг изјави дека наградата претставува „пред сѐ признание за НАТО, илјадници жени и мажи во униформа кои се секогаш на должност“.

Извор: МИА

- Реклама -