Столтенберг: НАТО ќе ѝ помогне на Украина со сеопфатен пакет помош за самоодбрана од руската бруталност

Мадрид, 28 јуни 2022 (МИА) – НАТО ќе обезбеди сеопфатен пакет помош за Украина, која се соочува со бруталност каква што Европа не видела од Втората светска војна, изјави денеска во Мадрид генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Ќе договориме сеопфатен пакет помош за Украина за да ѝ помогнеме да го задржи правото на самоодбрана. Исклучително е важно што сме подготвени да продолжиме да даваме поддршка, бидејќи Украина сега се соочува со бруталност каква што не сме виделе во Европа од Втората светска војна“, рече Столтенберг.

Столтенберг одржа прес-конференција неколку часа пред почетокот на самитот, веднаш по средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез.

Столтенберг изрази надеж дека на овој самит ќе биде постигнат напредок за приемот на Финска и Шведска, кои неодамна поднесоа барање за членство, но беа спречени од турската блокада.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Шпанскиот премиер Санчез рече дека двете земји на крајот ќе станат членки, или сега или подоцна.

„Убедени сме дека тие, ако не сега, тогаш подоцна ќе се приклучат на Северноатлантската алијанса“, рече Санчез.

Тој нагласи дека самитот на НАТО ќе биде можност да се испрати „порака за единство на демократските земји во одбрана на демократијата и нејзините вредности и да се брани меѓународниот поредок врз основа на правила“.

- Реклама -