Столтенберг: Досега нема промена во нуклеарниот став на Русија што би барала одговор од НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Алијансата не видела никакви промени во нуклеарниот став на Русија.

„Досега не видовме никакви промени во нивниот нуклеарен став, што бара каква било промена во нашиот нуклеарен став“, изјави Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел.

Русија на 25 март постигна договор со соседна Белорусија за распоредување на тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Ваквиот потег нема да ги прекрши обврските од договорот СТАРТ, рече Путин и додаде дека Америка стационирала нуклеарно оружје на територијата на европските сојузници.

Путин истакна дека изградбата на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ќе биде завршена на 1 јули и додаде дека Русија помогнала да се модернизираат белоруските воени авиони за да можат да носат нуклеарно оружје.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

Рускиот амбасадор во Белорусија Борис Гризлов синоќа изјави дека руското тактичко нуклеарно оружје ќе биде распоредено во близина на белоруската граница со соседите на НАТО.

Гризлов, говорејќи за белоруската државна телевизија, рече дека руското нуклеарно оружје ќе биде „поставено поблиску до западната граница на нашата сојузничка држава“, но не даде прецизна локација.

„Тоа ќе ги прошири нашите одбранбени способности и ќе биде направено без оглед на вревата во Европа и САД“, додаде Гризлов.

Белорусија дели 1.250 километри граница со членките на НАТО – Летонија, Литванија и Полска.

Тактичкото нуклеарно оружје има релативно мал дострел и значително помала моќност во споредба со нуклеарните боеви глави кои се вградени во стратешките ракети со долг дострел.

МИА

- Реклама -