Стојаноска го искина францускиот предлог: „Ниту еден документ нема легитимитет додека не добие печат од народот“

Само што почна 81-вата седница на која треба да се разгледа Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската унија предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската унија на 30 јуни 2022 година, Собранието е на едночасовна пауза по барање на пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа во процедурално барање истакна дека е исклучок да се прекинува пленарната седница за претресот на ребалансот, која вообичаено се одржува пет работни дена непрекинато, заради некоја друга седница, за која кажа дека треба да се донесе одлука што не е во надлежност на Собранието.

„Ова е многу редок исклучок кога овие пет работни дена се прекинуваат за седница која нема апсолутно врска со одлука на Собранието. Вообичаено заклучоци се разгледуваат на комисија, па дури потоа доаѓаат на пленарна седница. Тоа е вообичаена пракса, а ова го правите само за да избегнете широка јавност и транспарентност на овој подмолен процес. Сакам да ви порачам дека ниту еден документ кој вие би го потпишале, изгласале, протнале нема да има легитимитет и важност сѐ додека не го добие најбитниот потпис и најбитниот печат, а тоа е печатот и дозволата на македонскиот народ“, рече Стојаноска и го искина документот за кој рече дека е лажен и не е документ по кој денеска ќе расправа Собранието.

„Поради тие причини ќе побарам пауза која можеби ќе ве предомисли и ќе одлучите да го вратите овој ништовен, понижувачки и подмолен документ во Владата зашто се работи на меѓувладина конференција.

Не треба Владата тука да го подметнува и вие како современи македонски администратори да давате изим на ваков криминал и на вакво предавство“, им порача Стојаноска на пратениците.

Претседателот на Собранието Талат Џафери оцени дека ова е најдемократската можност што може да се случи во законодавниот дом и додаде дека пратеничката бара пауза по погрешен член од Деловникот, но сепак даде едночасовна пауза по која треба да продолжи разгледувањето на единствената точка на дневен ред.

Извор: МИА

- Реклама -