Стојам горда пред вас, пред чуварите на слободната македонска држава – порача Сиљановска-Давкова пред армиските припадници на Денот на Армијата

Обраќајќи им се припадниците на Армијата, претседателката особено ја истакна и се заблагодари за нивната посветеност во борбата со природните непогоди, како справувањето со пожарите кои во моментов беснеат на територија на државата.

Овој празник е потсетување дека нас никој не нѐ ослободувал, туку сами се ослободивме. Македонската држава не е ниту подарена, туку извојувана и стекната со тешка и праведна народноослободителна борба.

Ова е дел од обраќањето на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на централната свеченост по повод одбележување на 18 Август – Денот на Армијата и 32 години од нејзиното формирање, што се одржа денеска во Центарот за обука на вода во Охрид.

„Како претседателка на Републиката, како врховна командантка на вооружените сили, но и како партизанска ќерка, стојам пред вас, горда на вас, наследниците на партизаните. Вие, војниците и офицерите, питомците и ветераните на армијата сте вистинските чувари на наследството – слободната македонска држава, која пред 80 години, на АСНОМ, ни ја оставија нашите храбри предци. Пред повеќе од три децении, независната македонска држава ја устрои својата армија, како браник на нејзиниот територијален интегритет и нејзината независност“,

порача, меѓу другото, претседателката на државата во своето обраќање.

Порача дека како и досега, така и отсега е потребна насушна и непресушна потреба од чесно и дисциплинирано, совесно и одговорно извршување на воените должности. Токму тоа, оцени Сиљановска-Давкова, армиските припадници го прават постојано и беспрекорно согласно НАТО-стандардите, преку учеството во мировните мисии, меѓународните воени вежби, а најмногу, како што кажа, преку безрезервната помош кон македонските граѓани и институциите во справувањето со елементарните непогоди.

„Сево ова ме прави горда на вас, припадниците на Армијата. Вие сте важен мировен гарант и потенцијал во овие тешки времиња на голема неизвесност, предизвикана од глобални и европски безбедносни ризици и разгорени регионални воени конфликти, присуство на традиционални, но и нови, хибридни и киберзакани, активни малициозни влијанија и дезинформации од државни и недржавни актери. Современото бојно поле, за жал, од физичкиот се прошири и на дигиталниот простор“,

истакна Сиљановска-Давкова.

Обраќајќи им се припадниците на Армијата, претседателката особено ја истакна и се заблагодари за нивната посветеност во борбата со природните непогоди и кризните состојби, како справувањето со пожарите кои во моментов беснеат на речиси целата територија на државата.

„Како и досега, така и во иднина, Армијата ќе биде подготвена да им даде целосна поддршка на граѓаните и на надлежните институции. Но, време е да се преиспита системот за заштита и спасување и за управување со кризи, да се детектираат и коригираат институционалните и професионалните недоследности, како и да се креира логичен, ефикасен систем на справување со кризи. Мора да направиме сè што е потребно за да го заштитиме општото добро и јавниот интерес навреме, да посегнеме по превенција, наместо по справување со последиците. Сигурна сум дека тоа ќе биде направено“,

додаде шефицата на државата.

Ова, како што додаде, е особено важно со оглед на климатските проекции за иднината, според кои, сушите, пожарите и поплавите ќе бидат сѐ почести и сѐ поинтензивни. Поради тоа, истакна претседателката, неопходно е постоење на функционален систем, способен навреме и соодветно да се адаптира кон промените, да ги превенира ризиците, да управува со процесите и да ги ублажува последиците.

- Реклама -