Стоилковски: За милениците на власта нема затвор, Кичеец наместо зад решетки – во кафана

Македонија е држава со којашто владее режим на мафијата и во којашто има политички затвореници кои се осудени со драконски казни врз основа на некредибилни, крајно сомнителни и однапред договорени сведоци кои менуваат изјави во замена за помали казни. Од друга страна, милениците на режимот, кои го поддржувале и учествувале во неговиот криминал, иако се фатени со аудио и видео снимки, се осудуваат минимално и, иако осудени, или се дома или сѐ уште се шетаат низ улиците. Со вакви обвинувања, ВМРО-ДПМНЕ и портпаролот на партијата – Наум Стоилковски, денеска презентираа фотографија од осудениот во „Рекет“ – Зоран Милевски – Кичеец, како седи во кафуле.

„Зоран Милески, Кичеец или Кичевскиот, човекот осуден на затворска казна, човекот снимен како ги носи парите од рекет, човекот снимен којшто ја носи полна со пари онаа Луј Витон торба, пари што според исто така осудениот Боки 13 завршиле кај Зоран и Вице Заеви, наместо во затвор, седи и се гоштева по летните тераси на меаните!

Ова е скандалозно, но и очекувано. Режимот на мафијата, преку правосудниот систем во пупка, наместо на отслужување на затворска казна, Кичеец го смести во Струга, во затвор од отворен тип, од каде што затворениците излегуваат надвор! За да заврши во Струга, наместо во Идризово или во Штип, тој ја смени адресата на живеење непосредно пред крајот на судскиот процес, што иницира, посочува, индицира само на едно – а тоа е дека можеби му било ветено дека ќе заврши токму во отворениот затвор во Струга“, обвини Стоилковски.

„Милески, Кичеец, Кичевскиот, е десна рака на режимот на мафијата, човекот кој што е организатор на „Рекет“ заедно со Катица Јанева, пуленката на Заев, и Боки 13, , Кичевскиот е врзан во бизнисот меѓу Дака и режимот на мафијата, за што и Заев потврди дека влијаел на одлуките на тетовскиот Совет за „ШИК Јелак“, Милески Кичеец, Кичевскиот е човек кој што одработувал за режимот на мафијата, и сега иако цел свет го виде како излегува и заминува со полната Луј Витон торба, полна со рекет, наместо в затвор, ужива на летните тераси?

И не е само тој, за жал, сите фатени, а поврзани со криминалот на режимот се милувани од системот, или се на слобода, или бегаат, или врвот на мафијата јавно ги брани.

Наспроти ова, во затвор, во најлоши услови, со огромни казни, лежат луѓе за кои што цела држава бара повторно судење, заради искази на некредибилен сведок, за што веќе се јавно објавени и неговите лични тајни сведоштва дека се осудени невини луѓе за делото за кое што се пресудени овие драконски казни“, порача портпаролот на најголемата опозициска партија.

Според него и ВМРО-ДПМНЕ, фотографијата од Кичеец во кафуле е доказ дека „режимот на мафијата“ го има правосудството в пупка и дека за нејзините миленици не постои право и правда, а дека судските процеси се фарса. Фотографијата, додаде, е доказ дека владее режим на криминал, корупција и нарачана неправда. Режимот мора и ќе сноси одговорност за ваквите неправди, порача Стоилковски.

- Реклама -