Стјуардесата што спаси 152 патници од киднапери од Хезболах

Тоа утро (14 јуни 1985 година) сигурно на Ули Дериксон ѝ се чинело како и секое друго утро. Дериксон – стјуардеса на Trans World Airlines, заедно со останатиот екипаж, се подготвувале за нешто што требало да биде обичен лет од Атина до Рим. Но наскоро ќе откријат дека летот TWA 847 ќе биде сé освен тоа.

Околу 10 часот претпладне, двајца патници стануваат од своите седишта и вадат пиштол и две гранати кои успеале да ги прошверцуваат. Во моментот кога Дериксон им пристапила за да види што се случува, еден од нив ја удрил со нога во градите. Потоа ја кренале од подот и ја одвлекле со нив до кокпитот. Дериксон веќе знаела што ќе се случува следно – ова е киднапирање.

Додека двајцата мажи ја влечеле кон предниот дел на авионот, еден од нив го повлекол пинот (сигурносниот клуч) од гранатата, држејќи ја рачката на раб да експлодира. Потоа почнал да удира по вратата од кокпитот сé додека пилотите не отвориле. Кога тоа се случило, другиот со пиштолот го удрил пилотот и го информирал дека авионот сега е под нивна контрола.

Киднаперите биле терористи од Хезболах од Либан, и барале авионот да биде пренасочен кон Бејрут. Либанската воздушна контрола првично не дозволувала авионот да слета, но попуштиле откако капетанот им објаснил колку е сериозна работата: „Го има извлечено пинот од гранатата и спремен е да го разнесе авионот ако мора. Мораме, повторувам, МОРАМЕ да слетаме во Бејрут“.

Киднаперите не знаеле англиски (само минимално), ама едниот од нив зборувал германски, открила Дериксон. Порасната во Германија, токму неа ѝ паднала „среќата“ да комуницира со киднаперите и да ги убедува да не ги повредуваат пилотот или патниците. На своја рака инсистирала и да бидат ослободени жените (веројатно од страв дека можат да бидат силувани). Иако киднаперите не ја послушале, издејствувала во Бејрут да бидат ослободени постарите патници и децата.

Откако авионот бил дополнет со гориво, киднаперите побарале пилотот да слета во Алжир (во главниот град Алжир). Но таму имало проблем – работниците на пистата одбиле да му дополнат гориво на авионот без да им биде платено. Лути на тоа, киднаперите се заканиле дека ќе почнат да убиваат патници.

Кој ги смирил страстите? Ули Дериксон, која брзо размислувала и ја понудила својата кредитна картичка на Shell Oil (тогаш кредитните картички не беа толку чести) за да плати за горивото. Ја чинело скоро 6.000 долари, ама никој од патниците не бил убиен.

Со авионот одново дополнет, киднаперите побарале капетанот да лета назад во Бејрут. Е тогаш почнале да стануваат насилни. Ги издвојувале сите патници што некогаш биле дел од американската армија, и ги тепале. Дериксон често се вмешувала меѓу нив и патниците за да ги спречи тепањата, молејќи ги да запрат. Со делумен успех.

Потоа киднаперите побарале од Дериксон да ги собере пасошите на сите патници, и да ги предаде тие што имаат „еврејски“ презимиња. Стјуардесата ги собрала пасошите, ама го сокрила пасошот на секој патник што мислела дека може да зазвучи „еврејски“ и да биде повреден/убиен од киднаперите.

Сепак, Ули не стигнала да ги заптити сите. На враќањето кон Бејрут, киднаперите му се сипале на Роберт Стетам – нуркач на американската морнарица. Го претепале и го застрелале во главата. Кога авионот слетал, го фрлиле неговото тело на пистата и уште еднаш пукале во него.

Фотографија од Роберт Стетам додека се подготвува за нуркање.

Во меѓувреме, киднаперите издвоиле седум патници од тие што мислеле дека можеби се Евреи, кои потоа ги симнале од авионот и ги предале на шиитската паравојска, која ги однела во шиитски затвор.

Во Бејрут качиле и уште неколку вооружени помошници, по што повторно се вратиле во Алжир. За среќа, по слетувањето, ги ослободиле повеќето од патниците, меѓу кои и Дериксон.

Сега пак заминале кон Бејрут, но овојпат преговарале за ослободувањето на останатите заложници. Барале за возврат да бидат ослободени 1.000 либански затвореници во Израел, како и меѓународна осуда на Израел и САД. На крајот издејствувале ослободување на 31 либански затвореник.

Благодарение во голем дел на храброста и пожртвуваноста на Дериксон, билансот на жртвите останал на само еден патник – убиениот Стетам. Но по инцидентот се појавиле лажни извештаи дека стјуардесата им помогнала на киднаперите да ги издвојат Евреите меѓу патниците. Како резултат, на адресата на Дериксон почнале да ѝ стигнуваат закани по живот…

Откако се покажала вистината – дека Дериксон се обидувала да ги заштити сите патници и особено Евреите, Ули добила нов бран закани по животот – овојпат од луѓе што ги поддржувале киднаперите. На крајот морала да се пресели во Аризона, за да ја избегне опасноста и целата таа присутност во јавноста.

Во Аризона Ули продолжила да работи како стјуардеса. Едно здружение на ветерани ѝ доделило и сребрен медал за храброст. А кога лидерот на киднаперите – Мохамед Али Хамади, бил фатен и суден во Германија, Дериксон била главниот сведок на обвинителството.

Хамади одлежал 19 години, по што бил пуштен на условно. Тогаш му се губи секаква трага. До денес е на листата на „Барани“ на FBI. Ули пак, работела како стјуардеса практично до крајот на својот живот – до 2003 година, кога ѝ бил дијагностициран рак, две години пред да почине (18 февруари 2005).

Е сега, вие можеби се надевавте на некаков филмски пресврт во кој Дериксон го граба пиштолот на киднаперот и го спасува авионот без капка пролеана крв. Не. Приказнава на Дериксон зборува за нешто друго – дека да се жртвуваш не е суперхеројски, туку човечки. Разликата е следна: Едните се бесмртни и го решаваат проблемот. Другите се ите како смртни, и прават што можат. Или што би рекол интернет – не сите херои носат наметки.

Ни самата Дериксон не се сметаше себеси за херој. „Ми фрлија жежок компир. Јас морав да се справувам“.

Извор: ATI

- Реклама -