Сенатот на Хаваи го поддржа законот наречен по фронтменот на групата „Аеросмит“, Стивен Тајлер, што ќе им овозможи на славните полесно да ги тужат папараците и сите кои ќе ја нарушат нивната приватност.
Како што пренесува „Ројтерс“, 64-годишниот музичар, кој голем дел од годината го поминува на хавајскиот остров Мауи, сведочеше во корист на новиот акт, за кој промоторите велат дека ќе ги направи Хаваите поатрактивни за богатите и славните.
Законот, за кој гласале 23 од 25 членови на Сенатот, предвидува дека секој кој „на навредлив начин ќе забележи било каков аудиовизуелен материјал“ за позната личност во моментот на лична или семејна активност, ќе се соочи со судска тужба.
Образложувајќи го законот пред Сенатот, пејачот рекол дека нема ништо против папараците да го фотографираат на јавно место.
„Но, кога сум во својата куќа, кога се туширам или пресоблекувам, јадам или ги поминувам божиќните празници со децата и ќе видам папараци како ме снимаат со специјални објективи, а потоа тие фотографии се појавуваат во магазинот People, тоа боли“, рекол Тајлер.