Лидерот на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стeрјовски, гостувајќи во емисијата „Конак“ на телевизија СОТ7 зборуваше за „напорите на Бугарија за асимилирање на Македонците во Албанија“.
„Македонците во Албанија во последните години се соочуваат со агресивна политика од страна на Бугарија за нивна асимилација. Оваa бугарска политика на терен последните години се одвива со молчење на Албанија, во повеќе наврати и со нејзина помош, сѐ со цел Албанија да не биде попречена од страна на Бугарија за да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ“, рече Стерјовски.
Посочи дека така било и со признавањето на непостоечкото бугарско малцинство во 2017 година, без исполнување на ниту еден критериум за постоење на едно малцинство, кога „Албанија во последен момент потклекна пред заканите на Бугарија со вето за започнување на преговорите за членство во ЕУ“.
„Според сите пописи спроведени во Албанија од создавањето на албанската држава до последниот попис, немаме ниту една личност, ниту еден изјаснат за Бугарин во регистрите на албанската држава. Во областа Преспа во 2011 година кога беше спроведен пописот и во селото Врбник во Деволската област, 100 проценти сите се изјаснети за Македонци. Немаме ниту еден Бугарин. Бугарска заедница во Албанија значи проектот на Голема Бугарија. Проблемот е повеќе поврзан со Македонија. Бугарија не ја признава македонската нација. Секаде каде што има Македонци, таа тврди дека се Бугари, и сега ја шири својата пропаганда во областите каде што живее македонското малцинство – во областа Гора, Голо Брдо, во областа Пустец, во Врбник“, рече Стерјовски.
Македонската заедница во Албанија, додаде, нема никаква врска со Бугарија во однос на јазикот, традициите, обичаите и песните.
„Таа е компактна и е на граница со Македонија, не е на граница со Софија и нема никаква врска. Ако го погледнете фолклорот, песните, имате многу песни од времето на османлискиот период што ги пееме за ослободувањето на Македонија, нема ниту една песна за Бугарија“, нагласи Стерјовски.
Прашањето со бугарските пасоши, според Стерјовски, е профитабилен бизнис кој е проширен не само во областите каде живеат Македонци, туку и во други градови во Албанија.
„Еден бугарски пасош сега чини од 15 до 20 илјади евра. Има Албанци, не Македонци, кои плаќаат од 15 до 20 илјади евра. Затоа Ви кажав дека како бизнис е поисплатлив од садењето хашиш. Чини и до 20 илјади евра, еден бугарски пасош за Албанци по нацоналност. Зборувам за албански државјани кои живеат во Албанија, а не во Бугарија“, рече Стерјовски.
Стерјовски, како пратеник во минатиот состав на албанскиот Парламент, беше прв пратеник Македонец кој јавно се декларира како Македонец.
МИА