Стејт Департментот за забраната за прелет на Лавров: Суверени одлуки на Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија

Одлуката на Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора за забрана за прелет на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е почитување на обврските кон НАТО, оцени портпаролот на Стејт департментот на САД – Нед Прајс.

„Сите три земји се членки на НАТО и имаат обврски согласно Членот 5“, рече Прајс на брифингот, одговарајќи на новинарско прашање од „Гласот на Америка“. Притоа посочи дека Црна Гора е веќе пет, а Северна Македонија веќе две цели години членка на Алијансата.

Според Стејт Департментот, трите земји „како суверени држави донеле суверени одлуки за воздушниот простор“, а тоа ја одразува решеноста на Европа да ја повика Русија на одговорност за инвазијата на Украина.

Прајс ја повика и Србија да ги следи таквите чекори:

„Постојано ја повикуваме Србија да преземе чекори за да напредува на европскиот пат, вклучително и диверзификација на изворите на енергија, намалување на енергетската зависност од Руската Федерација и усогласување на надворешната и безбедносната политика со ЕУ. Ние сè уште сакаме да бидеме партнер на Србија и да ѝ помогнеме во нејзините напори за зајакнување на енергетската безбедност на долг рок“, рече портпаролот на Стејт департментот.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Прајс беше прашан и како САД и НАТО ќе ги заштитат Црна Гора, Македонија и Бугарија од руските закани во контекст на затворањето на воздушниот простор за авионот со кој Лавров требаше да допатува во Србија, при што повторно посочи на Членот 5 на НАТО:

„Сите три се членки на НАТО, а посветеноста на Членот 5 во однос на сите три е обврзувачка“, рече тој.

Извор: МИА

- Реклама -