Влатко Стефановски, кој го потпишува саундракот за долгометражниот игран филм „Деца на сонцето“ во режија на Антонио Митрикески, кој, кон крајов на летово беше снимен, а на кој му престои постпродукција, влезе во студио и го сними видеото за насловниот сонг во филмот.
„Многу сакам да работам по нарачка. Тоа е навистина благородна работа, отколку, кога самиот си задаваш тема. Така барем јас полесно се фокусирам. Го прочитав два пати сценариото за филмот „Деца на сонцето“ уште пред почетокот на снимањето и многу ме бендиса. Уживавав во техниката на апстрактно сублимирање на приказната од филмот. Преку текстот, кој прв го напишав, а музиката потоа ја залепив, се обидов на некој начин да го симнам дејството, но не и да го прераскажам, бидејќи тоа не е моја работа. Најчесто создавам со затворени очи и секогаш ја слушам интуицијата. Овој сонг е рефлексија на моите размислувања за светот околу мене, а сепак се однесува и на филмот. Се изразив во форма на поезија“ вели Стефановски.
И остатокот од музичката подлога за филмот е речиси готова. Освен насловниот сонг, кој има за цел да го облагороди и отслика филмот и во кој фигурира вокалот на Влатко, останатите парчиња се инструментални.
„Во овој сонг нема многу китење. Има гитара, усна хармоника, вокал и гудачки квартет. Во последно време музичкиот минимализам многу ме привлекува, наспроти презаситеноста на современиево со многу галама и бучава“ вели Влатко.
Стефановски, едновремено, го најавува и својот најнов албум насловен како „Сеир“ на кој работел цели 4 години и кој многу скоро ќе биде промовиран.
„Како мрзелив сликар го работев овој албум, како сликар, кој несака да ја заврши сликата. Долго време уживав во љубомората да не го поделам со јавноста. Едноставно уживав во процесот и многу сум задоволен од сработеното. На албумот се 11 песни, а сонгот „Деца на сонцето“ ќе биде како бонус трака. На албумот покрај мојот вокал и музика има и многу релевантни гости, мои пријатели, како Каролина Гочева, Раде Шербеџија, Зоран Маџиров, Васил Хаџиманов, Дамир Имери… Овој албум нема издавач и нема спонзор и ќе го издадам во скромен тираж, повеќе за да го обзнанам, отколку за да го објавам“ вели авторот.