Телефонот на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, е исклучен, а тој не е достапен за коментар. Ова ја засилува неизвесноста околу неофицијалните информации што велат дека е меѓу лицата опфатени во денешната акција на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Според првичните неофицијални информации, во акцијата се вклучени четири лица осомничени за злоупотреби поврзани со тендерска постапка во Царинската управа. Меѓу тие лица е и Богоев, кој претходно бил потпретседател на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција потврдија дека се спроведува акција, но не откриваат идентитети на осомничените. Досегашните информациите сугерираат дека тие се поврзуваат со наводни злоупотреби, финансиски малверзации и незаконитости во процесот на јавните набавки за време кога Богоев ја водел Царинската управа.
Надлежните институции не даваат детали за случајот, но се очекува во текот на денот Финансиската полиција и Обвинителството да објават официјални информации за акцијата и за сомнежите кои се предмет на истрагата.




