Во Букурешт беше презентирана реалната слика на македонскиот фудбал, нашиот шампион е предалеку од Европа, Вардар изгледаше немоќно против Стеауа.
Стеауа со убедливи 3-0 и уште поубедлива игра го совлада Вардар и го реши прашањето околу патникот во следното квалификационо коло за Лигата на Шампионите.
Јасно е дека Стеауа има многу квалитетен тим, екипа која рамноправно се носи со најголемите европски клубови, но претставата која ја гледавме во Букурешт беше разочарувачка за нашиот шампион.
Фудбалерите на Вардар го дадоа максимумот, но капацитетот е тој, македонскиот фудбал во моментов е предалеку од сериозен настап во квалификациите за европските натпреварувања, а за пласман во групните фази не станува ни збор.
Вардар не успеа да упати ниту еден удар во рамките од голот на Стеауа, изведе само еден корнер и тоа во судиското продолжение од натпреварот.
Стеауа на крилата на бучната публика во полната Арена, моќно го започна натпреварот и со голот на Танасе уште во 12. минута дојде во водство.
Девет минути подоцна Пинтили зголеми на 2-0, а во судиското продолжение од првото полувреме вардаровиот голман Павловиќ си постигна несреќен автогол откако топката најпрво ја погоди стативата, се одби од неговиот грб и заврши зад гол линијата.
Во вториот дел Стеауа го намали интензитетот, Вардар заигра нешто подобро во одбраната, но не изостануваа шансите пред голот на Павловиќ кој се истакна со неколку добри интервенции.
Впечатокот од натпреварот е јасен, на македонскиот фудбал му се потребни сериозни инвестиции за да се приближи чекор понапред до просечните европски екипи.
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал