Ставот на Гаши за воените злосторници

Тој неуверливо се обиде поддршката искажана за Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, кои судот во Хаг ги прогласи за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово и ги осуди на повеќегодишни затворски казни, да ја претстави како личен став, иако во моментов е втор човек во државата

Претседателот на Собранието Африм Гаши се правда дека како приватно лице ја дал изјавата за неправосилната пресуда на Специјализираните совети во Хаг против обвинетите косовски политичари за воени злосторства, а не како прв човек на парламентот. Тој на брифинг со новинарите неуверливо се обиде поддршката искажана за Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, кои судот ги прогласи за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово и ги осуди на повеќегодишни затворски казни, да ја претстави како личен став, иако во моментов е втор човек во државата.

Гаши се сплетка во објаснувањето дека тој ставот го дал, бидејќи сакал да се дистанцира дека пресудите не се за косовскиот народ, иако Судот во ниту еден момент не му судеше на народот, туку на четворицата водачи на ОВК.

– Изјавата беше дадена од приватен, персонален аспект, не од позиција претседател на Собранието. Никаде немам споменато ниту сум се повикал на Собранието, ниту е објавен или искористен канал на Собранието, на веб-страницата или на профилот на социјалните мрежи на парламентот, туку ставот за тоа прашање е даден на мојот личен профил – изјави Гаши.

На прашање на „Слободен печат“ дали како претседател на Собранието може да се разграничи приватноста од функцијата што ја извршува, Гаши одговори дека мисли дека може, и тоа го поткрепи со ставот дека и на брифинзите со новинарите искажувал личен став, а не како претседател на Собранието или како претставник на Вреди.

– Сум давал мои ставови. Мислам дека треба и може да се разграничи. Јас не можам секогаш да зборувам во името на Собранието – рече Гаши.

Тој го дал својот личен став, како што вели, бидејќи пресудата е чувствително прашање.
Прашан дали осудени за воени злосторства може да бидат дел од „славното минато“, тој рече дека прашањето навлегува уште подлабоко во сензитивноста.

– Мојата порака беше јасна и секогаш сакам да направам дистинкција за тоа што е праведна војна, за што се залагал еден народ и што правеле индивидуалци. За тоа кој што правел може секој да одговара и судовите тоа ќе го кажат. За мене е битно да се направи дистинкција за тоа за што се бореше еден народ и што може да направи евентуално некој човек – рече претседателот на Собранието.

На забелешката дека Судот не му судел на народот, туку на конкретни ликови што биле водачи на ОВК, Гаши рече дека и неговата објава била во таа насока и дека не знае како јавноста ја чита објавата. Тој додаде дека не му годело тоа што по изјавата бил прозван од српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Не. Знаете дека не сум политичар на контроверзии кој сака да биде дел од политички препукувања. Сакам да останам што повеќе институционален. Само кога чувствувам голема тежина што сакам и морам да ја искажам и поради моето политичко минато, бидејќи јас не дојдов во Собранието од улица, бидејќи некој рекол овој е многу добро момче, па да го изгласаме за претседател на Собранието. Моето политичко минато ме наведува некогаш да давам такви изјави. Се надевам дека имате разбирање, не очекувам секогаш да се согласите, ама очекувам барем да имате разбирање. И ви благодарам ако имате. Личноста Африм Гаши не може 24 часа да биде само претседател на Собранието и затоа свесно не го кажав тоа од позиција на претседател на Собранието. Тоа е личен став и не треба да се меша со функцијата што ја извршувам – додаде Гаши.

По пресудата за четворицата водачи на ОВК, Гаши во објава на социјалните мрежи напиша дека „ниту една пресуда не може да го негира фактот дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими се дел од славното поглавје во историјата на Косово. Во време кога слободата на Косово, како и мирот и стабилноста во регионот, сè уште беа идеал за кој требаше да се бори, тие имаа храброст да се вклучат и да ја преземат историската одговорност за носење слобода на својот народ“.

Тој додаде дека за албанскиот народ, тие се и остануваат ослободители на Косово. Војната на ОВК, жртвите и несебичноста на оние што ја предводеа и беа нејзин дел, Гаши смета дека се самиот пат што довел до слобода на Косово и до нова ера на мир и стабилност во регионот.

На изјавата на Гаши тогаш реагираше СДСМ со порака дека одлуките на меѓународните судови мора да се почитуваат, додека жалбената постапка сè уште трае.

„СДСМ не се меша во работата на судот. Не кроиме пресуда според коалиција, нација или моментален интерес. Ако судот донел одлука за некој дека е виновен – тогаш тоа треба да се прифати, додека повисок суд не каже друго“, соопшти тогаш во реакцијата.

Гаши, на брифинг порача дека остварува постојани контакти со сите пратенички групи за да се изнајде компромис за законите што бараат Бадентерово мнозинство.

– Јасно е дека во Собранието имаме проблем со гласањето на законите кои треба да се изгласаат со Бадентерово мнозинство. Но, за сè во демократијата се потребни разговор и дијалог и треба да има решение. Јас лично, заедно со сите пратеници, разговарам и бараме начин како да ги надминеме овие разлики и се надевам дека во блиска иднина ќе најдеме решение, ќе се договориме и ако треба закон по закон или концептуално да најдеме решение. Како и да е, Собранието мора да профункционира и во овој дел каде што е заглавено и да биде ефективно и за самата работа на институцијата, но и за граѓаните – истакна Гаши.

Дали власта ќе обезбеди бадентерово мнозинство првиот тест ќе биде на 29 септември за кога на пленарна седница се ставени десетина закони за кои е потребно двојно мнозинство.
За измените на Изборниот законик, Гаши информираше дека на координација е договорено партиите прво да ги усогласат позициите во своите редови.

– Очекуваме во текот на идната недела, а можеби и таа потоа, да се состанат и ако има нови моменти, да свикаме работна група и да продолжат со работата – рече Гаши.

За анкетните комисии за Кочани, Гаши рече дека сè уште не добил писмо од родителите, но дека го видел јавно.

– Разговаравме денеска на координација околу таа тема. Ставот е дека некои од координаторите мислат дека треба да заврши постоечката Анкетна комисија, па потоа да биде формирана другата комисија. Другите мислат поинаку, дека не треба да се спојува една со друга, туку дека треба да течат паралелно. Од координаторот на Левица имаме најава дека на почетокот на октомври ќе се свика постоечката Анкетна комисија, можеби ќе се донесат заклучоци и тоа ќе ја отвори вратата за да се формира и другата анкетна комисија – рече Гаши.