Професорката Мирјана Најчевска, која во минатото јавно истакнала дека е атеист и дека верските честитки ги доживува како навреда, повторно отвори чувствително општествено прашање – дали зголемената јавна религиозност во Македонија навистина довела до подобро општество. Во својата реакција, Најчевска повикува на искрено преиспитување без идеолошки предрасуди и лицемерие.
„Ставете рака на срце и кажете – во сите овие години, кога се зголеми бројот на верници во Македонија, кога политичарите се натпреваруваат кој ќе се покаже како поголем верник, кога децата се изнесуваат да го слават Богот во кој веруваат родителите, кога почнаа да се осветуваат полициски автомобили, да се молат во Собранието и кога никнаа крстови, цркви и џамии низ целата држава – дали тоа навистина донесе подобрување?“ – прашува таа.
Професорката потоа поставува конкретни прашања што, според неа, ја мерат суштината на секоја вера:
– Дали се намали криминалот?
– Дали има помалку убиства?
– Дали се намали врсничкото насилство?
– Дали има помалку семејно насилство?
– Дали се намалија кражбите и измамите?
– Дали луѓето станаа помалку егоистични и саможиви?
– Дали бројот на разводи е намален?
– Дали има помалку силувања?
„Ставете рака на срце и кажете“, завршува Најчевска, оставајќи го одговорот да го даде јавноста.
Нејзината порака не е насочена против верата како личен избор, туку против, како што имплицира, нејзината политичка и симболична злоупотреба – во услови кога реалноста зборува за длабока морална и институционална криза.



