Јавниот повик за студентски ваучери за набавка на електронски уреди е официјално отворен. Од денеска па сè до 20 декември, студентите можат да аплицираат за вредносни ваучери преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk.
Кој може да аплицира
Право на апликација имаат сите студенти од прв циклус студии кои се државјани на Република Македонија, запишани во учебната 2025/2026 година. Прифатени се и редовни и вонредни студенти, на државни или приватни факултети, под услов да не се постари од 29 години на денот на објавување на повикот.
Ваучерите може да се искористат за купување лаптоп, таблет или персонален компјутер, а подигнувањето на уредите мора да се направи најдоцна до 31 декември.
Како се аплицира ако ве има во евиденцијата на МОН
Министерството појаснува дека за студентите кои веќе се во евиденцијата на МОН, постапката е исклучително едноставна:
Најавување на uslugi.gov.mk
Избор на услугата за јавниот повик за студентски ваучери
Поднесување апликација без прикачување документи
По успешна апликација, системот автоматски генерира вредносен ваучер
Студентот со добиениот ваучер, документ за идентификација и потпишана изјава за искористување може да го подигне уредот од избраниот економски оператор.
Што ако ве нема во евиденцијата на МОН?
Ако при аплицирање системот утврди дека студентот не постои во евиденцијата на МОН, се појавува известување со линк до посебна услуга преку која апликацијата продолжува.
Во овој случај студентот треба да прикачи:
потврда дека е редовен или вонреден студент, издадена од неговата високообразовна установа
По комплетирање на апликацијата, системот повторно генерира вредносен ваучер, кој може да се искористи на ист начин како и кај студентите што се во евиденцијата.
Каде може да се подигне уредот
Електронските уреди се подигаат кај овластени економски оператори. Министерството ја објави целосната листа на продавници и оператори кои ја поддржуваат оваа мерка. Листата е достапна тука.




