Старата музика ја зашамара новата

dsotm[1]

Ни музиката не е како што беше – старото добро клише што важи за секоја генерација, но на кое за прв пат му излезе во прилог статистиката.

И покрај огромниот успех на албумот на Адел “25”, од кој беа продадени цели 7.4 милиони копии само за шест недели, 2015 година е првата година во историјата на САД, во која новите албуми регистрирале послаба продажба од старите.

Во категоријата стари албуми влегуваат компилации пласирани на пазарот пред повеќе од 18 месеци, а според годишната статистика на Nielsen, од старите албуми се продадени 4,3 милиони копии повеќе, што е нешто невидено досега во музичката индустрија, особено ако се спореди со периодот од пред 10 години кога новите албуми бележеа продажба со над 150 милиони копии повеќе годишно од старите албуми.

Треба да се има предвид дека оваа статистика не вклучува стриминг услуги, но и покрај тоа претставува значајна пресвртница. Дигиталната продажба на нови албуми бележи мала предност, но кога станува збор за музика што можеш и „да ја допреш“, повеќето луѓе се одлучуваат за старата музика, а ако се закачиме за одделни песни, старите парчиња по продажба се пред новите и во споредба со дигиталната музика.

Постојат голем број теории за тоа. Можеби сè се должи на т.н. ренесанса на винилот. Во последните години продажбата на грамофонските плочи се зголеми значително, бидејќи младите ја открија плочата. Само во првата половина на 2015 година продажбата на винил се зголемила за 52%. Ако сакаат да ги колекционираат, има логика во тоа луѓето да ги купат своите омилени албуми на плочи. Изгледа прифатливо, судејќи по фактот дека според истите податоци на Nielsеn, албумот на Пинк Флојд,  Dark Side of the Moon, е продаден во 50 000 копии минатата година, што го прави третиот најпродаван албум на винил.

Податоците може и да се резултат на тоа што се повеќе луѓе избираат да ги преслушаат новите албуми, наместо да ги купат. Со зголемената популарност на платформи како Spotify и Apple Music, корисниците имаат брз пристап до целата нова музика за околу 10 долари месечно.

- Реклама -