Во 1990 година, Баварската државна библиотека плати 2 милиона тогашни марки за да ја купи прочуената светска мапа на која првпат е прикажан тогаш новооткриениот континент Америка. Барем тоа мислеле дека купуваат.
Се сметаше дека картата е изработена во 1507 година, од картографот Мартин Валдземилер (1470 – 1522), но излезе дека тоа не е оригиналот.
Сомнежи во автентичноста се појавија кога неодамна на аукција е понудена слична таква карта на светот. Форензичката анализа утврди дека двете карти, и таа на аукцијата, и таа купена од Баварската библиотека, се копии на автентичниот оригинал на Валдземилеровата карта кој е изложен во Универзитетот во Минесота. Копијата купена од баварската библиотека, пак, се покажа дека е направена некаде во 1960-тите години.
Досега се сметаше дека тоа во Баварската библиотека е еден од шесте оригинали на Валдземилер. Неговата карта е прочуена по тоа што на неа првпат во историјата е прикажан тогаш новооткриениот континент наречен „Америка“. Картографот погрешно верувал дека континентот го открил Америго Веспучи, па го именувал според него.