Стано: Русија го злоупотребува претседавањето со БРИКС за да се обиде да покаже дека не е меѓународно изолирана

Европската Унија го осудува обидот на Русија да го злоупотреби своето претседавање со организацијата БРИКС за да се обиде да покаже дека повеќе не е изолирана на глобално ниво, порача денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во врска со Самитот на БРИКС што се одржува во рускиот град Казан.

– Русија се обидува да го поврати нејзиниот изгубен кредибилитет, истакна Стано, додавајќи дека домаќин на Самитот е рускиот претседател Владимир Путин против кога е распишана потерница од Меѓународниот кривичен суд поради сомнеж за извршени воени злосторства.

Во врска со учеството на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на средбата, Стано истакна дека ЕУ навистина очекува и верува дека тој во Казан ќе се обиде да ги реафирмира напорите на меѓународната заедница за да го убеди Путин да ја запре илегалната агресија врз Украина.

– Веруваме дека тој ќе го засили апелот до Русија и до Путин со цел целосно и безусловно да ја запрат бруталната агресија врз украинскиот народ и веднаш и безусловно да ги повлечат своите воени сили од Украина и од украинската територија, како што веќе беше побарано во бројни резолуции на Генералното собрание на ОН, истакна Стано.

Во врска со присуството на лидери и претставници на други држави, меѓу кои и на земји од Источното партнерство на ЕУ, на Самитот во Казан, Стано истакна дека Европската Унија има свои индивидуални партнерства и има многу добра комуникациска соработка со многу од нив.

– Можеме само да им кажеме и можеме само да им го нагласиме она што тие го знаат. Сепак, Путин е на чело на земја која врши агресија против соседните држави, со што Русија е земја која очигледно ја крши Повелбата на ОН и меѓународното право, рече Стано.

Прочитајте и:  Навална сака да биде претседателка на Русија: „Сакам Путин да заврши во затвор... не во странски, удобен, туку во руски затвор“

Тој додаде дека сите овие земји и самите ги чувствуваат негативните последиците од руската агресија врз Украина, пред се преку зголемените цени на храната и енергијата.

– Веруваме дека сите учесници на самитот во Казан ќе го искористи овој настан за уште еднаш да повикаат на ставање крај на војната против украинскиот народ и почитување на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, додаде портпаролот на ЕК.

Во врска конкретно со учеството на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на собирот, Стано нагласи дека секој лидер има право да патува каде што сака, но земјите кандидати за членство во ЕУ, вклучително и Турција, треба да ги почитуваат напорите на Унијата за изолација на Русија.

– Очекуваме од сите земји кандидати цврсто да ги поддржат вредностите за ЕУ, без никакво двоумење да ги почитуваат обврските што произлегуваат од договорите што ги имаме склучено и да ги усогласат своите одлуки со заедничката надворешна и безбедносна политика, рече Стано, додавајќи дека почитувањето на овие вредностите и интереси на ЕУ е показател за стратешките ориентации на овие земји и од тоа ќе зависи и нивниот напредок кон Унијата.

Тој нагласи дека ЕУ останува посветена на потребата за постигнување фер и праведен мир за Украина, согласност Повелбата на ОН и со почитување на нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и независност.

– Тоа е врвен приоритет на нашите активности како Европска Унија, но се чини дека е приоритет и на меѓународната заедница. Да не заборавиме на огромната поддршка на претставниците на меѓународната заедница на последниот мировен самит во Швајцарија, додаде Стано.

- Реклама -