Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

Европската Унија очекува од новите власти во Северна Македонија да покажат посветеност на европската иднина и да продолжат по успешниот пристапен пат, порача денеска главниот портпарол на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Ние очекуваме со нетрпение да соработуваме со новоизбраните власти во Северна Македонија, и со претседателката, и со новата Влада, во помошта на земјата да продолжи со напредокот и да ги испорача очекувањата што ги постави ЕУ на пристапниот пат на Северна Македонија, изјави Стано.

Запрашан какви чекори планира да преземе ЕУ доколку „новото раководство хипотетички продолжи да се однесува“ како на вчерашната инаугуративната церемонија на новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, Стано нагласи дека ЕУ искрено смета, очекува и верува оти новите власти на земјата „ќе продолжат да испорачуваат“ и затоа не би навлегувал во шпекулации „што или ако“.

– Тие имаат чист старт сега и имаат можност да ги убедат сите во Европската Унија дека се посветени на европската иднина на нивната земја и дека ќе продолжат по успешниот пристапен пат, додаде Стано.

Во врска со ставот на Европската Унија околу неупотребата на уставното име на земјата од страна на Сиљановска-Давкова за време на вчерашната церемонија на нејзиното полагање заклетва, Стано потенцира дека тој јасно беше искажан во објавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Икс и во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

– Она што се очекува од Северна Македонија беше јасно посочено во најновиот Извештај за проширувањето од минатата есен. Извештајот вели дека во однос на регионалната соработка, земјата одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување и го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи. Постојните билатерални договори треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, вклучувајќи ги неговите протоколи. Тоа се очекувањата на ЕУ, додаде Стано.

Фон дер Лајен вчера во објава на Икс порача дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е да продолжи со реформите и со целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

ЕЕАС пак посочи дека ЕУ изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, Сиљановска-Давкова не го употребила уставното име на државата на церемонијата на полагањето заклетва.

– ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, беше посочено во вчерашната реакција на ЕЕАС.

МИА

- Реклама -