Претседателството и Советот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), како највисоки тела на синдикатот, утре од 13:30 до 14:30 часот ќе ја блокираат улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи во центарот на Скопје, во знак на незадоволство од нивниот предлог за методологијата на минималната плата.
Претседателот на ССМ – Дарко Димовски, во изјава за МИА вели дека за нив е неприфатлив предлогот на работодавачите според кој минималната плата би изнесувала 16.164 денари.
„Со она што го нудат минималната плата во нето износ би била 16.164 денари што за нас е неприфатливо во никој случај кога знаеме дека минималната синдикална кошничка изнесува 35.040 денари. Затоа утре по завршување на седницата на Советот на ССМ директно излегуваме со целото Претседателство на ССМ и сите штрајкувачки одбори на протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија“, изјави Димовски.
Нивна делегација ќе присуствува и на седницата на Економско-социјалниот совет закажана за 16 часот во Владата, а доколку не биде прифатено нивното барање за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати, ќе излезат на генерален штрајк.
„Доколку во 16 часот не се прифатат барањата за минимална плата од 18 илјади денари и скалесто зголемување на сите плати, штрајкот ќе се роди пред овие две организации на работодавачи и во иднина ќе продолжи на нивна штета бидејќи нема да дозволиме штетата да ја трпи само работникот“, истакна Димовски.
Вчера, на седницата на Економско-социјалниот совет не беше постигнат договор за зголемување на минималната плата. Консензус има дека минималната плата треба да се зголеми, но, не и за колку или на каков начин да се дојде до тоа.
МИА