Против најновите мерки што ги предлага Комисијата за заразни болести реагира и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму наведуваат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.
„Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот“, стои во реакцијата на ССМ.
Синдикатот информира дека во изминатиот период до него пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок. Поради ова, од ССМ се обратиле до Државниот инспекторат за труд од каде добиле одговор дека ваквите однесувања на работодавачите се незаконски.
„Во врска со пријавите од ССМ добивме и известување од Државниот иснпекторат за труд со кое сме информирани дека ваквите однесувања на работодавачите кои забрануваат влез за невакцинирани работници или ги задолжуваат да донесат негативен Ковид тест на свој трошок како услов да дојдат на работа, се незаконити. ДИТ постапувајќи по пријавите на ССМ, правилно ги применил законите и по спроведен инспекциски надзор ги укинал спорните одлуки на работодавачите“, се вели во соопштението од ССМ.