Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), бара Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ја преиспита одлуката за зголемување на цената на електричната енергија.
„Во услови на здравствена криза, која имаше и сѐ уште има големо влијание и врз економијата и врз сигурноста на работните места, како и во услови кога годинава Минималната плата е зголемена за само 2,99%, просечната плата од јануари до мај 2020 година е намалена за 4,18%, а трошоците на граѓаните се зголемени заради кризата, Сојузот на синдикатите на Македонија и синдикатите здружени во него, не се согласуваат да има покачување на цената на електричната енергија, а особено не поради тоа што истата ќе падне на грбот на работниците, пензионерите, невработените, односно граѓаните.
Сојузот на синдикатите на Македонија не е организација која ги регулира цените на одредени услуги или производи, но смета дека со Одлуката на Регулаторната комисија за покачување на електричната енергија за 7,4%, здравствената криза може многу лесно да се претвори и во економска криза“, реагираат од ССМ.
Во случај одлуката за поскапување на струјата да не биде повлечена, ССМ бара зголемување на платите и пензиите:
„Доколку избрзаното покачување на цената на електричната енергија не биде повлечено, потребно е зголемување на сите плати и пензиите, во висина на зголемените трошоци за живот или скалесто за најмалку 7,4%, и тоа само за да се подмири просечната потрошувачка на електрична енергија која едно домаќинство би го чинело дополнителен издаток од платата, пензијата или другите примања“, порачуваат од ССМ, додавајќи дека нивните анализи врз основа на Синдикалната минимална кошничка ќе ги испратат до Економско–социјалниот Совет, со цел да се овозможи покачување на платите.
„ССМ не сака нашите граѓани, кои ќе бидат оневозможени да ги подмират зголемените сметки на електрична енергија, да станат таргет на извршување од извршителите и затоа уште еднаш укажуваме дека Регулаторната комисија треба да ја преиспита Одлуката за зголемување на цената на електричната енергија!“, се вели во соопштението.