Изразот „патлиџан турист“ не ја одразува праведно состојбата со српските туристи кои летуваат во Грција. За нив сè уште не е измислен соодветен термин.
Како што пишува српски „Блиц“, Србите навалуваат во Грција на почетокот и на крајот на сезоната, но не само поради поевтините аранжмани и за да ги избегнат гужвите. Според порталот, Србите во Грција не се „патлиџан“, туку „ајвар – туристи“. Приказната се родила откако возачи на автобусите почнале да се поплакуваат на претешките куфери кои Србите ги изнесуваат од Грција. Некои од нив и по четири куфери. Полни со… ајвар.
Да, според „Блиц“, Србите во Грција прават зимница, а поради претешките куфери некои од автобусите морале да ги менуваат гумите. Бројни агенции добиле жалби од гостите кои ги изнајмуваат апартманите откако во нив престојувале Срби, кои внатре правеле ајвар или џем од кајсии. Агенциите во тие апартмани редовно наоѓаат хаос, а добар дел од нив веќе и официјално ги предупредуваат српските туристи дека правењето ајвар во апартманите е строго забрането.
Причината за овие бизарни случувања е да се заштеди електрична енергија – зошто да трошат своја, кога можат да користат грчка, во склоп со евтиниот апартман? Според „Блиц“, за ајвар Србите користат македонски пиперки кои лесно ги набавуваат во Грција.
„Кога се обидов да им помогнам да ги внесам куферите во автобус на пат за Србија, останав зачуден кога сфатив колку се куферите тешки и дека всушност не можам да ги кренам. Кога ги прашав што има внатре, најнормално ми одговорија дека во куферите има стаклени тегли со ајвар“, раскажал за „Blic“ еден возач на автобус.