Српскиот премиер Вучевиќ утре доаѓа во официјална посета на земјава

Во рамки на посетата ќе се одржи тет-а-тет средба на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и српскиот премиер Милош Вучевиќ, информираат од владиниот прес-центар

Српскиот премиер Милош Вучевиќ заедно со неговата делегација утре ќе дојде во Скопје во официјална посета на земјава, информираат од владиниот кабинет. Според информациите, македонскиот премиер Христијан Мицкоски ќе го пречека својот српски колега во 10 часот, а во рамки на посетата ќе се одржи тет-а-тет средба помеѓу двајцата премиери.

Фото: 360 Степени

Дополнително, предвидено е да се одржи и пленарна средба помеѓу делегациите на двете земји, по што ќе следи свечено потпишување на Меморандум за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини со српското Министерство за рударство и енергетика. За во 11 часот и 45 минути е предвидена заедничка прес-конференција за медиумите во Медија центарот на Владата.

Од Министерството за внатрешни работи известија дека поради посетата на претседателот на Владата на Република Србија, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.

- Реклама -