Срeдeн прст за најсиромашните: Рим и црквата во „борба“ за паричките од Фонтана ди Треви

Паричките што туристите ги фрлаат во прочуената Фонтана ди Треви во Рим деновиве се предмет на расправа меѓу градоначалничката Вирџинија Раџи и претставниците на црквата. Главното прашање е кому треба да му припаднат.

Се проценува дека годишно од фонтаната се вадат околу 1.5 милиони евра. Досега, парите традиционално ги добиваше римската католичка добротворна организација Caritas, која пред сé ги користи за помош на сиромашните. Меѓутоа, градоначалничката на Рим сега сака парите да му припаднат на градот, со што би биле користени за поправки во градската инфраструктура.

Добротворната организација предупредува дека тоа ќе ги погоди најсиромашните. „Ние не го предвидовме овој исход“, вели директорот – отец Бенони Амбарус. „И натаму се надевам дека ова нема да биде конечно“.

Градските советници ја потврдија промената и таа ќе стапи на сила во април. Меѓутоа, многу Италијани реагираат на друштвените мрежи, барајќи од советот да ја преиспита одлуката, пренесува италијанската новинска агенција ANSA. Остри текстови објавуваат и италијанските медиуми, а насловите обично содржат „Пари од најсиромашните“.

Вирџинија Раџи, како претставник на движењето „Пет ѕвезди“, стана градоначалничка на Рим во 2016-та. Нејзината популарност е практично во слободен пат, под услов да има каде да продолжи да паѓа. Тоа е одраз на низата нејзини неуспеси во решавањето на градските проблеми, меѓу кои посебно видлив (и миризлив) е ѓубрето. Незадоволството од лошото работење на Раџи се излеа и на улиците – во октомври илјадници граѓани протестираа пред градското собрание во Рим.

Фонтана ди Треви е стара околу 300 години. Годишно ја посетуваат милиони туристи. Традицијата на фрлање паричка влече корени од дамнешни времиња, кога чистата вода за пиење се сметала за дар од боговите. Меѓутоа, модерното значење е поинакво, а особено се прослави по филмот „Three Coins in the Fountain“ од 1954-та и истоимената песна (снимена за филмот) која ја испеа Френк Синатра. Прочитајте ТУКА.

 

- Реклама -