Средба Мицкоски-Гренел: Разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, на средбата се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа.

Посебен акцент бил ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување.

Во текот на средбата, се посочува во соопштението, се анализираа можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

– Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата, се посочува во соопштението.

Премиерот Мицкоски, изрази посебна благодарност до Гренел за неговата посветеност во градењето на севкупните односи помеѓу двете земји. При тоа истакнал дека Владата останува силно посветена кон продлабочување на стратешката соработка, со особено внимание во областите на владеење на правото, економијата и енергетиката.

- Реклама -