Србија собори дрон што ја набљудувал касарната во Рашка, Косово негира вмешаност, активирани српските „МиГ“-ови

Српската војска соборила дрон над касарната во Рашка, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што информираше српското Министерство за одбрана, Единиците на Војската на Србија денеска во попладневните часови, по навременото откривање и следење, неутрализирале комерцијален дрон кој се движел од правец на Копаоник кон Рашка. Беспилотното летало е соборено со помош на електронски мерки за блокирање, во непосредна близина на воените објекти во гарнизонот Рашка, се додава во соопштението.

Како што јави допсиникот на МИА од Белград, на Копаоник се наоѓа административната граница меѓу Косово и Србија.

„Во согласност со наредбата на претседателот на Републиката и врховен командант на вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ, вооружените сили на Србија преземаат засилени мерки за откривање, следење и неутрализирање на беспилотни летала во близина на воени објекти. Вооружените сили на Србија ќе продолжат, согласно наредбата на претседателот на Републиката и врховниот командант, да ги соборуваат сите беспилотни летала пронајдени во зоната на забранети летови и во близина на воените објекти“, порачаа од српското Министерство за одбрана.

Претходно, српските медиуми објавија дека се забележани беспилотни летала кои летале над Мердаре и околината на Рашка, на границата со Косово и на југот на Србија, а српската премиерка Ана Брнабиќ, повикувајќи се на наредбата што ја издал Вучиќ, синоќа изјави дека ќе бидат соборени сите беспилотни летала регистрирани во близина на воени објекти.

„Точно, беспилотните летала снимаа позиција во нашата копнена безбедносна зона и нашите две касарни, а јас бев информирана од претседателот на Републиката и врховниот командант на вооружените сили на Србија, тој дал наредба за зголемување на полициската заштита во воздухот, така што тој налог сега е траен, и е на сила и ќе остане во сила… Доколку се повторат вакви работи, ќе го собориме секое такво летало, како што би направила секоја друга земја“, изјави Брнабиќ за РТС.

Иако косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај демантираше дека леталата потекнуваат од територијата на Косово, денеска српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ издал наредба за зголемување на борбената готовност на српските вооружени сили поради „беспилотни летала кои од Косово влегувале на територијата на централна Србија“, а „имајќи го предвид искуството на украинскиот фронт“, за да нема административни доцнења во командниот синџир. Како што соопшти министерот, Вучиќ издал наредба „секој таков објект да биде елиминиран или ставен под српска контрола“.

Борбените авиони МИГ-29 што ги активираше Србија, пак, според Вучевиќ, не полетале заради беспилотните летала, туку „патролираат“ на српското небо, а на предизвикот со дроновите, рече, „армијата може да одговори со топови“ и на други начини.

„Не се работи само за влез во Рашката област, ВС набљудувала одредени објекти во насока на движење низ Топличкиот и Нишавскиот реон“, рече Вучевиќ.

Според него, сите воочени беспилотни летала доаѓале од два правци од Косово, по линијата на копнената безбедносна зона, со „повремени влегувања на територијата на централна Србија и обиди да се набљудува позицијата на единиците на српската армија и одредени објекти“.

Вучевиќ, воедно, ги оцени како „неточни“ пишувањата на  приштинските медиуми дека српската војска се концентрира на административни линии со Косово. Како што тврди тој, станува збор за вежби што се одржуваат низ цела Србија под името „Маневи 22“.

„Не можам да кажам дека безбедносни ризици не постојат, пред сè поради неодговорното однесување на администрацијата во Приштина, но Србија не сака никакви војни“, заклучи Вучевиќ.

Неговиот косовски „колега“, пак, обвини дека тврдењата на Србија дека беспилотните летала дошле од Косово се „само изговор за зголемување на бројот на војници на српската армија околу границата со Косово“ и средство за ширење паника меѓу граѓаните.

Извор: МИА

- Реклама -