Новиот Windows 10 наиде на одличен прием и меѓу корисниците и меѓу критичарите. Но, од друга страна, предизвикува голема загриженост околу приватноста и новите политики на Microsoft на ова поле.
Имено, компанијата има нов договор за услуги кои се состои од 12.000 зборови. Во еден дел стои дека Microsoft има право на „пристап, откривање и сочувување на личните податоци“ на корисниците, во кои се вклучени и содржините на мејловите и приватните фолдери.
Од Microsoft тврдат дека целта на ваквата политика е да и помогнат на полицијата, да спречат спам, да ја одржат сигурноста на мрежата и да ги заштитат своите права и имот. Од друга страна, Microsoft исто така ќе го следи и вашето однесување, сé за да може да ви доставува лично таргетирани и прилагодени реклами. Се разбира, тука нема многу простор за правдање – се работи за профит.
Кога се работи за вакви потези, компаниите неретко се прикриваат зад маската на „опционалното“. Со други зборови, ви овозможуваат да ги исклучите интрузивните сетинзи, со што до одреден степен ја зачувувате вашата приватност, иако истите се вклучени по „дифолт“. Делумно, нивната стратегија се потпира врз фактот што многу од корисниците немаат доволно развиени компјутерски вештини ниту за да ги најдат таквите подесувања, а голем дел воопшто не се ни свесни за целиот бизнис со приватните податоци.
Штом сме веќе таму, постојат неколку едноставни подесувања со кои ќе можете да ја „заобиколите“ љубопитниот нос на Windows 10:
Исклучете ги сите сомнителни опции во секцијата „Settings-Privacy“
Ќе морате да поминете низ 13 различни менија пред да можете да го покриете секој аспект од вашето користење на компјутерот и да ги обезбедите податоците.
Исклучете ја „Cortanа“
Cortana e „личен асистент“ кој има функција на пребарување и е една од одлично оценетите фукции на Windows 10. Но, една од причините заради која работи толку добро е тоа што го памети секој ваш претходен внес и нуди сугестии и персонализирани резултати. Останува на корисникот да реши дали му е поважно располагањето со таква алатка или сопствената приватност.
Исклучете ги персонализираните реклами
Windows 10 функционира така што ви доставува персонализирани реклами секој пат кога ќе се логирате на својот Microsoft акаунт (налог). исклучувањето на рекламите е мошне едноставно – само посетете го екстерниот сајт и обележете ја опцијата „off“ на двете опции за персонализирани реклами.
Користете локален Windows профил
Оваа е мошне драстична мерка, бидејќи така ќе имате многу мала синхронизација помеѓу уредите. Сепак, користењето на нов локален профил го попречува Microsoft да ги користи вашите податоци.