Споредниот ефект на хемотерапијата за кој малку се зборува

За луѓето со дијагностициран рак, самата хемотерапија често може да е полоша од соочувањето со болеста, колку лошо и да звучи тоа. Имено, интензитетот на отрови кои се внесуваат во телото со цел убивање на туморските клетки, не поминува без последици кои можат екстремно да го ослабат телото, но и духот.

Најчесто се работи за проблеми со замор, губење на косата, губење на тежина, повраќање, мачнини и проблеми со памтењето. Сепак, една од помалку познатите нуспојави, освен појавата на болни афти во устата кои го оневозможуваат јадењето но сепак се лечат, е губењето на вкусот.

Многу од луѓето кои се подложени на хемотерапија одеднаш откриваат дека веќе воопшто не можат да уживаат во храната како претходно, односно дека секоја храна им има ист вкус, бидејќи вкус воопшто нема. Токму тоа било и искуството на 47-годишната Кристи Рајли. Лечењето траело две години, во текот на кои Рајли била подложена на неколку рунди хемо и радиотерапија.

„За неа, најдепресивно беше сознанието дека храната веќе никогаш нема да биде иста. Терминалниот облик на болеста не е само смртна осуда, туку и осуда на безвкусна и разочарувачка храна“, вели нејзиниот син Рајан Рајли, воедно и професионален новинар кој се бави со храна.

Открива дека срцето му го кршел самиот факт дека единственото во кое неговата мајка можела да ужива било овошен сладолед.

„Луѓето кои примаат хемотерапија често сфаќаат дека сетилото за вкус им е променето, и веќе не уживаат во храната, а сé тоа најчесто е пропратено со метален вкус во устата. Понекогаш воопшто немаат вкус за никаков вид храна, ниту за пресолено, ниту за преслатко“, вели Карла Скот, главна медицинска сестра во здружението Macmillian кое се залага за поддршка на болните од рак.

Ако болеста ги погоди папилите за вкус на пациентот, тоа што може да помогне е изборот на посилни вкусови. Рајан, кој кога мајка му боледувала имал 23 години, бил депримиран од тоа што не знаел што да ѝ зготви на мајка му, иако работел во прехранбената индустрија.

„Се шлаев по супермаркетите и без поента трупав храна во количката… Денес ‘би одиграл’ многу подобро“.

Со желба да го комбинира искуството од болеста на својата мајка со знаењето кое го има стекнато во својата професија, тој сега сака да ја подобри ситуацијата на луѓето што се борат со рак, преку своето добротворно здружение – Life Kitchen. Преку тоа, Рајан има намера да организира натпревари во готвење, но и да споделува онлајн рецепти за храна која може да им се подготвува на болните.

Пред сé, предлага во храната да се воведат поинтензивни вкусови, билки и зачини, како и поинтензивни вкусови на овошје и сокови. Притоа истакнува дека губитокот на вкусот може да е само привремен.

„Ако некој со рак развие аверзија кон одреден вид храна, треба одново да проба со истата по неколку недели, без да ја форсира“.

Мали трикови со голем ефект

Сировата храна може да претставува вистински предизвик, затоа подобар избор се супите, варивата, кашите, бананите и јогуртот, во кои исто така можат да се додадат разни зачини. Исто така, истражувањата покажуваат дека на оние под хемотерапија повеќе им одговара постудена храна отколку топлата, па пожелно е секој оброк да биде оставен малку да се олади.

Еден добар трик за оние со метален вкус во устата е да се употребуваат пластични вилушки, и со тоа барем малку да се намали таквата метална сензација. Исто така, добро е во јадењето да се додаде и малку киселина, во облик на сок од лимон.

Може да се додадат и масти, како што се ореви, павлака или путер. Кога храната е премногу слатка, додајте шест капки сок од лимон. Ако храната се чини премногу солена, додадете ¼ лажичка сок од лимон. Во деновите кога сé има вкус на картон, додадете малку сол, пишува, на пример, хрватскиот Центар за здравство. Оброците е подобро да се распоредат во неколку помали во текот на денот, така се намалуваат шансите за гадење.

Најдобрите намирници за смирување на мачнините:
• ѓумбир
• маслинки
• чај од нане
• бел ориз
• папаја
• банана
• компот од јаболки
• јогурт

- Реклама -