Пред еден месец (на 14 мај), Бранко Героски, како новинар и аналитичар што долго ги следи преговорите за спорот со Грција и името, напиша колумна со наслов „Верувам во Заев, нема да прифати сѐ што ќе побараат Грците!“.
Во таа колумна, Героски објаснува дека тој лично поддржува компромисно „ерга омнес“ решение, меѓутоа во форма на целосна исклучиво меѓународна употреба, но не и внатрешна.
„Сакам да нагласам дека таа формула erga omnes, која јас ја прифаќам како единствено можно и реалистичко решение во овој момент – да повторам, име за целосна меѓународна употреба! – е огромна отстапка од македонска страна и дури и кршење на логиката на билатералните договори. Имено, правото вели дека билатерален (inter-partes) договор не може да обврзува трети страни. Што значи тоа? Договорот меѓу Македонија и Грција за новото име не мора да ја обврзува Турција, на пример, која може и понатаму слободно да ја ословува нашата земја според билатералниот договор склучен со неа“, пишува Героски.
Како што се гледа од насловот на колумната, Героски во текстот изразува силен оптимизам дека оваа генерација македонски политичари не би се дрзнала да прифати ништо повеќе од решение со име за целосна меѓународна употреба, што и самото по себе е „огромна, драматична отстапка од наша страна“, а „голема победа за Атина“.
„Повторувам, тоа е огромна, драматична отстапка од наша страна! Голема победа за Атина!
Како и да е, тврдам дека никој од Македонија никогаш (сериозно) не преговарал новото компромисно име да се употребува и дома, во нашата земја. Се осмелувам да кажам дека тоа сериозно и не било барано од грчка страна. Зошто? Затоа што употребата на новото име во домашниот правен сообраќај во нашата земја, како и во образованието и секаде каде што официјално се употребува името Република Македонија, за Грција не е никаква придобивка. Какво фајде имаат Грците од тоа? Никакво!“, пишува Героски.
Но што ако се преговара за име и за внатрешна употреба, и тоа македонските политичари, пред сé актуелната влада, го прифатат? Героски е дециден во одговорот: Таквото „решение“ би било „едно големо, историско понижување“. Со тие зборови Героски и го продолжува текстот:
„А за оваа генерација македонски политичари, таквото ‘решение’ би било едно големо, историско понижување.
Затоа, без оглед кој што мисли, говори и пишува, без оглед колку бедно ме напаѓа Штабот на колосалните будали, очигледно избрифирани од еден центар, останувам цврсто уверен дека Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Никола Димитров нема да прифатат едно такво, бесмислено решение, кое не е никаков компромис, туку понижувачки пораз за Македонија. Јас верувам во храбриот Зоран Заев, верувам дека нема да прифати сѐ што ќе побараат Грците.“
Од денешен аспект, ден по објавувањето на договорот меѓу Скопје и Атина – Македонија да се вика Република Северна Македонија и надвор, и внатре, и секаде, оптимизмот на Героски делува трагикомичен. Со тоа не сакаме да го навредиме авторот зашто го имал тој оптимизам, туку исходот (т.е. постигнатиот договор) кој е вон сите разумски очекувања, „дури и според параметрите на Бранко Героски“, што би рекле некои.