Посочи дека верува во професионалните капацитети на новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, како и дека ја заслужува функцијата на која е назначен
Спојување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) е реформа што најголемиот дел од нашите сојузниците на НАТО веќе ја имаат направено, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето дали останува на ставот за спојување на двете институции.
„Ова е резултат на потреба како реформа, не зашто некој сега има лична фрустрација, па ќе спојува институции. Така е направено во најголемиот дел од нашите сојузници во НАТО“,
рече тој.
Посочи дека за ова е разговарано и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова бидејќи Агенцијата за разузнавање е во нејзина надлежност.
Процесот вели дека не се држи во тајност, како и дека тој ќе биде транспарентен.
„Кога Владата ги подготвува законите, и реформите ги подготвува во рамки на институциите. Кога ќе имаме работна верзија, ќе ја презентираме пред јавноста“,
вели Мицкоски.
Мицкоски повтори дека не сака да ја коментира содржината на извештаите што ги добил од АНБ два и пол месеци откако бил назначен за премиер, поради доверливоста на материјалите и да се компромитира работата на институцијата.
„Нема да ве изненади содржината на извештаите, тоа го читате секојдневно на порталите и најчесто го слушате на поткастите“,
рече тој.
Посочи дека верува во професионалните капацитети на новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, како и дека го заслужува функцијата на која е назначен.
„Му посакувам среќа и успешна работа на Христовски во делот на обезбедување на безбедноста на Македонија, како држава и на вас граѓаните за да можете слободно да се движите и да функционирате. Тој преку фер судска постапка во минатото покажа и докажа дека е жртва на политички мобинг и прогон од претходната разбојничка влада на СДСМ и ДУИ“,
вели премиерот.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера во телевизиско гостување рече дека директорот на АНБ бил разрешен оти не му праќал извештаи, додека нив ги добивале лица што не се во формалниот политички живот, ниту во институциите. Посочи дека кога го добил првиот извештај личел како вести што претходниот ден ги читал на порталите. Тогаш сфатил дека државата има сериозен проблем со националната безбедност и оти се потребни итни реформи во институцијата
Бојан Христовски на позицијата директор на АНБ го наследува Зарко Милошевски, кому не му е истечен мандатот, туку е разрешен од функцијата што ја извршуваше неполни две години, иако мандатот на директорот, според закон, е четири години.
За тоа што Христовски претходно бил претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, наспроти законскиот услов дека директорот на Агенцијата не треба да биде член на политичка партија, премиерот Мицкоски рече дека тоа не е пречка да не биде избран на позицијата, оти кога бил вратен на работа во МВР поднел оставка и се деполитизирал.