„Знаеме од каде се пратени мејловите за лажните пријави за бомби во училиштата и интензивно работиме со цел да дојдеме до сторителот“, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на ТВ „Телма“.
„Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно сѐ со цел да дојдеме до сторителот“, рече Спасовски.
Првиот човек на полицијата, како и во интервјуто утрово пред училиштата да пријават дека и денеска им стигнале дојави за поставени бомби, ги оцени ваквите закани како „монструозен чин“ кој, според него, е дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава.
Спасовски посочи дека такви напади се случуваат и во нашето опкружување, но оти тоа не значи, вели, дека не треба да се спроведува интензивна истрага. Напротив, потребна е пред сѐ заради вознемиреноста и неспокојот кај децата, наставниот кадар во училиштата, но и кај родителите на учениците, оцени тој.
„Сите капацитети кои ни стојат на располагање, и човечки и материјално-технички, се ставени во функција. И од државата и сите капацитети кои што можат да ни ги понудат нашите партнери ќе бидат ставени во функција, без разлика која е причината и природата на заканата“, рече Спасовски, констатирајќи дека заканите за поставени бомби само ја потврдуваат важноста на заштитата од сајбер-криминалот.
Извор: МИА