Во однос на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека овој предлог-закон е дел од сценариото за дестабилизација заедно со тензиите во Врапчиште околу црквата, Спасовски рече дека ваквите тврдења во јавноста се користат само за дневно-политички цели без никаква основа
Предлог-законот за обештетување на бранителите може да се донесе ако ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ гласаат „за“, вели пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.
„ВМРО-ДПМНЕ како партија која ја презема власта се изјасни дека дава апсолутна поддршка за носење на законот, тука е и ЗНАМ која е дел од владината коалиција. Ако таа декларативно изразена волја биде реална може да се донесе законот и да ги реши сите овие прашања низ политички дијалог. Ние го дадовме Законот по скратена постапка, Собранието се изјасни и сега е на дневен ред“,
рече Спасовски во вечерашното гостување во Алсат М Телевизија.
Прашан зошто токму сега пратениците на СДСМ го поднесоа предлог – законот за обештетување на бранителите, Спасовски рече дека тоа е затоа што сега може да се обезбеди поширока поддршка помеѓу пратениците, особено што ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ декларативно се изјасниле дека го поддржуваат.
Во однос на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека овој предлог-закон е дел од сценариото за дестабилизација заедно со тензиите во Врапчиште околу црквата, Спасовски рече дека ваквите тврдења во јавноста се користат само за дневно-политички цели без никаква основа.
„Прво мора да ги разобличиме овие невистини ште се појавуваат во јавноста. Имаме претседател на Влада што вели дека се подготвува дестабилизација и за која имале сериозни информации, а и министерот за внатрешни работи ги потврдува тие информации, а притоа инситуциите не преземаат никакви мерки. Ако имате сознанија што се поткрепени со факти, аргументи и докази вие мора да знаете кои се тие луѓе што сакаат да направат дестабилизација. Прашањето е зошто не реагираат институциите?“,
рече Спасовски.
Според него, доколку станува збор за рушење на уставниот поредок, нарушување на безбедноста, мирот, стабилноста потребна е акција веднаш, а не да се чека да дојде до дестабилизација па потоа да се излезе.
„Поднесувањето на предлог-законот за обештетување на бранителите не може да биде дел од никакво сценарио“,
рече Спасовски.
Прашан за настаните околу црквата во Галате, Спасовски рече дека Таравари треба да седне со Мицкоски да поразговара и да се вразумат.
Спасовски покажа фотографии на кои, како што рече, се гледа дека активисти на ВМРО-ДПМНЕ и близок соработник на Таравари се дел од настаните.
„Ова е фотографија на инвеститорот, еден од поблиските соработници на господинот Таравари. Овде ќе видите уште едно момче кое е дел од раководството на локалниот клуб на ВМРО-ДПМНЕ, еден од учесниците на тие случувања кај црквата. Овде има уште една слика со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се луѓето кои беа во Галате. Ова го кажувам само за да бидат разбиени тие лаги кои се пуштаат во јавноста дека некој друг нешто пушта. Така да господинот Таравари треба да си седне со коалициониот партнер, да поразговараат на оваа тема и да се вразумат“,
рече Спасовски.
Пратеникот на СДСМ осуди секаков акт што носи до подгревање на етнички тензии, особено кога се работи за верски објект и повика на дијалог и институционално решение.
„Сите ние треба да работиме меѓуетничките односи во државата да ги чуваме како најсвето. Оваа држава во која сите треба подеднакво да се чувствуваат“,
рече Спасовски.
Денеска од опозицискиот СДСМ побараа претседателот на собранието Африм Гаши, како што ја закажал седницата на Комисијата за финансирање и буџет за задолжувањето од унгарската банка, така треба да ја закаже и Комисијата за социјална политика, демографија и млади, на која треба да се разгледа законот за бранители.
Пратеничката на Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, Илире Даути, вчера одби да постапи по задолжението на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и да ја свика собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Ова работно тело на Собранието, како матично, треба да ги разгледа предлог-измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, што ги предложи пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, и кои треба да се носат по скратена постапка.
Инаку, измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили што ги предложи пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска ги опфаќа семејствата на загинатите или починати припадници на Армијата и на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце во 2008 година, загинатите припадници на МВР во авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски Трајковски, хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, во Диво Насеље во 2015 година и на починатите и загинати во вршење на службени должности во периодот од 1991 до 2024 година.
Со измените се предлага и еднократното обесштетување од 80 000 евра да се исплаќа на еднакви делови на членовите на семејството, а доколку родителите се починати, рамномерен дел од надоместокот да добијат браќата, сестрите и другите наследници.