Спасовски: Со закон ќе забраниме припадниците на полицијата да членуваат во партија

Ветингот е целосно спроведен во Агенцијата за национална безбедност, а процесот продолжува во Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју во емисијата „Стадион“ на радио „Канал 77“.

Спасовски, истовремено, најави и дека припадниците на МВР наскоро нема да можат да членуваат во партии.

„Имаме направено низа на законски измени кои ќе бидат во владина и собраниска процедура, пред сѐ деполитизација на полицијата; припадниците нема да можат да членуваат во партии и нема да бидат во раководните тела на партиите“, рече Спасовски.

Тој потенцираше дека актуелното раководство ја зајакнало внатрешната контрола со уште елемент, а тоа е формирање на посебен оддел кај Народниот правобранител за да ги проверува случаите со прекумерно постапување на полицајците, но исто така и посебен сектор во Обвинителството за организиран криминал, кој исто така може да истражува случаи со полициско излегување од овластувањата. Сето тоа преставува надворешна контрола врз работата на полицијата, истакна министерот.

- Реклама -