Свиркачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски од денеска повторно се враќаат на своите работни места во МВР, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук.
„За професионалците секогаш ќе има место во МВР“, порачува Спасовски во постот.
Лазаревски и Костовски имаа клучна улога во обелоденувањето на аферата со незаконското прислушување од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) на чело со Сашо Мијалков и се најзаслужни за објавувањето на прислушуваните разговори од 2015 година и таканаречените „бомби“ кои барем во голема мера доведоа и до промена на власта во 2017-та.
Како вработени во Петтата управа на УБК, Лазаревски и Костовски три години го документирале нелегалното прислушување. Кога претходното раководство на МВР дозна дека поседуваат докази за прислушувањето и дека прислушуваните материјали му ги дале на Зоран Верушевски, Лазаревски и Костовски во брза постапка беа уапсени и осудени во случајот „Пуч“, а потоа и отпуштени од работа.
По промената на власта, тие беа прогласени (и наградени) за првите „свиркачи“ во Македонија, а обелоденетите разговори беа искористени за докази во обвиненијата против вкупно 94 лица и 7 компании.