Наместо нови барања, премиерот Оливер Спасовски очекува од угостителите да чуе предлози за тоа како ќе се спречи сивата економија. Во 30 до 40 отсто од нивните објекти имало сива економија во изминатиот период, рече Спасовски, прашан дали повторно ќе им се излезе во пресрет на угостителите, овојпат во насока на нивните пoплаки дека дезинфекцијата на локалите дневно ќе ги чини 3.000 денари.
Спасовски потенцираше дека сите досегашни барања на угостителите за помош од Владата биле исполнети, почнувајќи од мерките за задржување на вработените, па до мерките што овозможуваат што побрзо да почнат со работа. Сѐ друго, оцени тој, е личен интерес:
„Мислам дека вакви предлози покажуваат оти освен личниот интерес не гледаат ништо подалеку, ниту на интересот на државата, ниту на зачувувањето на економијата, така што очекувам предлог од угостителите како и на кој начин директно ќе ги врземе софтверите, државата и угостителите, и да нема сива економија во нивните угостителски објекти“, рече Спасовски.