Спасовски: Време е за одговорно постапување, очекувам голем одзив за вакцинација во полицијата

„Полицајците се дел од критичната инфраструктура и затоа ќе се вакцинираат наскоро. Направивме анкетирање на вработените кој сака да биде вакциниран. Ќе започнеме со оние кои имаат некакви хронични болести. Право на личен избор е вакцинацијата и јас можам само да апелирам дека единствен спас од корона вирусот е вакцината. Сето друго што се шири како теорија на заговор нема да ни помогне. Имате луѓе кои постојано реагираат за мерките, за траењето на пандемијата, но паралелно пишуваат дека нема да се вакцинираат. Мора совеста да ни проработи за да си помогнеме и на себе и на семејството. Очекувам дека ќе има голем одѕив во редовите на полицијата“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју во „Стадион“ на радио „Канал 77“.

Тој укажа дека полицајците немале намера да патуваат во Белград по вакцини, туку ќе се имунизираат дома.

„Полицискиот синдикат нема организирано патување во Србија за вакцинирање на полицајци. Имале контакти со колегите од Србија, но не станувало збор да се оди во Белград. Право на личен избор на граѓаните е тоа дека секој може да оди каде сака да се вакцинира. Еве кај нас започна вакцинацијата, можеше секој да почека една недела. Ова не е време за конфронтации без разлика кој е во право. Граѓаните не сакаат функционери кои си ја префрлаат одговорноста, тие сакаат како држава да обезбедиме услови за вакцинација и ние даваме сѐ од себе да имаме вакцини и да го спроведеме процесот на имунизација. Во изминатата година го сменивме целиот здравствен систем, и во однос на тестирањето, во однос на лековите, сега и за вакцинацијата. Ова не е време за профитирање, туку е време за одговорно постапување на институциите“, порача Спасовски.

- Реклама -